Странските директни инвестиции годинава може да достигнат една милијарда евра
Во Владаат се оптимисти дека годинава приливот од странски директни инвестиции може да достигне една милијарда евра.
Како што посочи денес на прес конференција портпаролката на Владата Марија Митева странските директни инвестиции во периодот јануари – септември достигнаа 838 милиони евра што е зголемување од 348 милиони евра во однос на истиот период минатата година и убедлив рекорд во изминатите 20 години.
„Податоците покажуваат дека само во третиот квартал оваа година приливот на странски директни инвестиции во Македонија достигна 281 милион евра“, рече Митева.
Ваквиот прилив, додаде, се должи на економската и политичката стабилност која ја презентира Владата, на предвидливоста и стабилноста која ја имаат компаниите, на посветеноста и заложбата во процесите и пристапот кон нулта толеранција за корупција.
„Во овој период се бележи зголемен нето прилив врз основа на меѓукомпаниски долг што во годините претходно можеше да се забележи како одлив. Овој прилив е во вредност од 219 милиони евра. Имаме и прилив врз основа на сопственички капитал од 39,9 милиони евра и реинвестирана добивка од 22 милиони евра“, рече Митева.
Таа нагласи дека за само неколку месеци Владата склучила договори со многу инвеститори, при што ги посочи „Алказар Енерџи“ кои ќе градат ветерен парк со 55 ветерници на просторот меѓу три општини – Штип, Карбинци и Радовиш и во текот на изградбата се очекува да отворат 630 нови работни места. Ја спомена и „Епсотек“, новата германско-белгиска инвестиција од 20 милиони евра која ќе отвори нови 110 работни места, новата инвестиција на „Костал“ од 45 милиони евра со нови 250 вработувања. Најави дека ќе продолжат посветено да работат на привлекување на нови странски инвестиции и додаде дека во следниот период се очекуваат многу нови инвестиции.