Странците тешко добиваат работни дозволи во Македонија


Инвеститорите од странство, кои што работат во Македонија се жалат на проблемот со добивањето неопходните дозволи за работа. Тие минуваат низ исклучително тешки процедури и тоа повеќепати е посочено од нивна страна, истакна денес претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев.

На прес конференцијата со италијанскиот амбасадор во земјава Карло Ромео тие се осврнаа на можностите за зголемување на економската соработка меѓу компаниите од двете земји. Покрај проблемот со работните дозволи, беа посочени и промените во даночната политика и воопшто на законската регулатива, како и немањето потребен стручен кадар.

„Мала економија како нашата, мора да биде пофлексибилна и мора да пости гаранција дека судството работи“, рече Пешев.

Проблемот на работните дозволи, како што беше посочено, е еден од позначајните со кои се соочуваат странските компании кај нас, особено кога сакаат да ангажираат експерти од други земји.

„Ние сме една од најтешките држави во која може да се добие работна дозвола“, рече Пешев додавајќи дека тоа предизвикува луѓето да се чувствуваат како илегалци. „И покрај тоа што се донесени со добра волја на инвеститорите, тие поминуваат низ исклучително тешки процедури“, рече Пешев.

Тој се осврна и на прогресивното оданочување кое што ги погодило сите странски инвеститори и експертите кои доаѓаат од странство.

„Независно дали е низок или рамен, не треба да го правиме според нашите перцепции за многу или малку. Кога ќе кажете дека ќе ја поставите рамката на прогресивен данок на 1.500 евра, значи дека сите до еден ги опфаќате зашто нивниот просек на примања се однесува на земјите од каде што дошле“, рече Пешев.

Тој зборуваше и за честото менување на законите, и нагласи дека на тој начин се попречува предвидливост за бизнисите.

„Треба да внимаваме дека луѓето што доаѓаат тука, не носат пари за да си одат за кратко време. Сакаат со среднорочни или долгорочни предвидувања да знаат што ќе им се случува“, нагласи Пешев.

Амбасадорот Ромео рече дека италијанските компании, генерално, се задоволни од условите за водење бизнис, но и тој го истакна владеењето на правото, недостигот на квалитетна работна сила и долгите и комплицирани процедури кои не се секогаш јасни. Тој додаде дека со влезот на земјава во НАТО можностите за соработка ќе се зголемат, особено во делот на одбраната и безбедноста. Во моментов, во Македонија има вкупно 130 италијански компании кои реализирале 122 милиони евра инвестиции. Тие претежно се концентрирани во машинската индустрија, металургијата и енергетиката. Минатата година вкупната трговска размена со Италија изнесуваше 649 милиони евра, за пет отсто повеќе во однос на претходната година. Увозот изнесуваше 471 милион евра, а извозот 173 милиони евра. (Н.В.)