Страданијата на малите медиуми: Факт е дека маркетинг агенциите на почеток не ве играат


Фото: Б. Грданоски

Обезбедувањето финансиски средства за опстанок и развој, како и предизвиците со кои се соочуваат поради неусогласеноста на законската регулатива се едни од главните проблеми на малите и локалните медиуми, беше посочено на денешната панел-дискусија на тема „Одржливост на малите и локалните медиуми во дигитално време“ во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), што се одржа во просториите на Центарот за иновации на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Главната уредничка на Умно.мк, Весна Ивановска – Илиевска, во своето излагање ја нагласи потребата од усогласување на законската регулатива и порача дека пробивањето на малите и локалните медиуми е макотрпен процес, особено во делот на рекламен простор, бидејќи, како што рече, тоа е врзано со маркетинг агенциите и комуникацијата со сопствениците на компании.

– Мора да се смени законската регулатива, затоа што на пример ние можеме да се регистрираме како трговец-поединец и како човек којшто објавува некакви текстови, Министерство за култура може да ме субвенционира мене и мојата колешка, но, како трговец-поединец или како УМНО повторно не можеме да влеземе во регистарот на АВМУ … Тешка е борбата и пробивањето на малите и локални медиуми, особено во делот за рекламен простор, бидејќи тоа е врзано со маркетинг агенции, со подобра или полоша комуникација со бизнис секторот и сопствениците на компании. Факт е дека маркетинг агенциите на почеток не ве играат, рече Ивановска – Илиевска.

Посочи дека се обидуваат да обезбедат финансии од најразлични страни, за „ако попушти една алка, да има друга за финансирање“.

– Сфативме дека можеме да го користиме името на брендот (медиумот) за добри, позитивни кампањски цели … Влеговме во меѓувреме во стопанска дејност, сфативме дека кампањата „Умно е…“ привлекува многу луѓе. Почнавме да произведуваме честитки со универзални и едукативни пораки „Умно е да ја сакаш и чуваш Македонија“, „Умно е да знаеш дека не знам се пишува одвоено“ и тн. сѐ со цел одржување на финансиска стабилност … Лошата работа беше што и двете бевме и сѐ уште сме, пред сѐ, новинари на кои бизнис делот потешко им оди … Од проблемите на малите и специјализирани, како и локални медиуми има еден уште позагрозен вид, тоа се новинарите кои работат во културата. Во Македонија мислам дека сме вкупно пет или шест новинари, рече Ивановска – Илиевска.

Главната и одговорна уредничка на прилепското локално радио Пела, Гордана Цветановска, ги истакна предизвиците со кои се соочувале при добивање на концесија за зрачење на територија на општина Кривогаштани, како и начините за прилагодување на радиото со новото време.

– Започнавме како традиционален медиум којшто едвај доби концесија да зрачи на територија на општина Кривогаштани, со голем проблем за поставување на предавателен систем којшто ќе обезбеди да зрачи како што треба, затоа што институциите, како што е Агенцијата за електронски комуникации, не е обврзана да најде начин како и каде може да се постави предавателот, само те ограничува дека тој мора да биде во таа општина и дека зрачењето не смее да премине во другите општини … Започнавме со стриминг на Фејсбук уште во 2018 година со вечерни емисии каде гостуваа музички ѕвезди, актери и тн. Покрај радиото кое се емитува на предавателот, создадовме уште пет стилски радија кои се прикачени на нашиот портал и создадовме интернет телевизија на која се емитува програма која што се создава во студио во Прилеп, рече Цветановска.

Радиото, вели, се наоѓа на крстопат и не знае каде ќе продолжи, затоа што, вели, иднината е во видео продукцијата.

– Ние сме веќе во тој дел многу напреднати. Ни требаат кадри кои ќе можат да преточат еден убав производ којшто ќе биде убав за гледање, не само за прилепчани и битолчани, туку и за дијаспората, затоа што нашата телевизија Пела е веќе поставена на „IPTV“ и ние сме свесни дека повеќе сме гледани во странство отколку тука, рече Цветановска.