Стотина жени се искачија на Титов Врв за да ја подигнат свесноста за ракот на дојка


Успешно се одржа планинарската тура „Титов Врв со панделка“ наменета само за жени до највисоката точка на Шар Планина, каде се искачија стотина припаднички на понежниот пол, информираат организаторките од планинарскиот клуб Х20 од Скопје и повеќе клубови низ државата. 

Оваа акција која се спроведе во саботата, беше организирана по повод месец октомври кога се одбележуваат настани за подигање на свесноста за ракот на дојка. Жените планинарски водичи, на овој начин во нивниот домен, се одлучиле да придонесат за оваа кампања.

-Акцијата ја започнавме во услови на намалена видливост и иако во одредени моменти помислувавме дека можеби треба да се откажеме и вратиме, надежта и истрајноста ни покажаа дека кога нешто сакате силно и искрено, целиот универзум се сплотува и соработува во ваша корист. Штом ја надминавме границата од 2.000 м.н.в. не дочека долго очекуваното сонце кое не затопли и ни ги врати ведрината и насмевките и уживањето можеше да започне, изјави Сибел Јакуповиќ планинарски водич од планинарскиот клуб Х20-Скопје.

На турата, највозрасна учесничка била жена на 74 годишна возраст. Меѓу нив имало самохрани мајки, некои мајки биле со нивните бебиња, а имало и ќерки со нивните мајки.

-Нашата највозрасна учесничка нè научи дека не постои пречка која не може да се совлада, ни покажа пример за следење и почитување. Особено ни е мило кога некој ќе одлучи за првпат да се искачи на Титов Врв токму на оваа акција и такви жени и овој пат имавме многу. Секоја со своја приказна и секоја со своја мотивација и одлучност да истрае во целта. И целта не беше Титов Врв, целта беше истрајноста низ сите предизвици, низ маглите и темнините кои секоја од нас ги поминала или поминува. Имаше жени кои покрај сите здравствени и животни предизвици извојуваа уште една борба со себе. Имавме жени кои извојувале победа над ракот на дојка, имавме жена која со вештачки колк ни одржа лекција за тоа што значи да си жена и да си борец, посочи Јакуповиќ.

Турата ја организирал тим составен планинарските водичи Сибел Јакуповиќ, Славица Јованоска, Снежана Новаковска, Јасмина Антиќ, Розе Настоска, Билјана Донева, Елена Ванчоска Секулоска, Јасмина Ристовска, Ирена Савевска, Катерина Станковиќ, со логистичка поддршка од Марина Стоиловска и Екатерина Лукарова.

-За жал тие што дојдоа да истрчаат трка до врвот (какви што секогаш има) немаат и нема да имаат можност да ги слушнат овие приказни, оние кои се „ладеа“ и немаа трпение да почекаат групата да се собере – исто. Ова го пишуваме со цел да ја подигнеме и свесноста што значи движење во група и каква е целта на оваа наша акција. За сите наши борки огромна благодарност, за сите вас што не се откажавте, за сите вас што покажавте трпение, емпатија, разбирање, за сите што се грижевте за вашите другарки, пријателки, сестри, ќерки, мајки, ви благодариме за учеството. Вие сте ни мотивацијата за овие акции, порача Јакуповиќ.

Акцијата e поддржанa и од Федерацијата за планинарски спортови.