Стопанска комора: Сѐ уште ја плаќаме илузијата за „бесплатен ручек“


 Земјава нема доволно материјална основа, а наоѓа начин да ги испорача желбите на граѓаните и нивните очекувања. Се уште трае илузијата за „бесплатен ручек“, а бесплатен ручек во економијата не постои. Долгорочните последици од ваквата „поставеност“ се задолжување на државата. На крај, цената ќе ја плати бизнисот, рече денеска Зоран Јовановски, потпретседател и советник во Кабинетот на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија за макроекономски прашања и јавни финансии.

Во првото месечно обраќање што е нова активност на Комората, Јовановски зборуваше на темата „Каква пазарна економија сакаме?“. Тој потенцира дека е неопходен нов општествен договор, да одлучиме дали ќе избереме либерална или координирана пазарна економија. 

-Имаме фундаментален расчекор меѓу желбите (очекувањата) на граѓаните и материјалната основа тоа да се испорача. Граѓаните очекуваат квалитетно, бесплатно здравство и образование, покачување на пензиите, раст на платите, помош од државата (работа, субвенции), сите да се исти (без разлика кој колку учел, се ангажирал, ризикувал), недопирливост (ако се членови на партија, некој да ги заштити од правниот систем). Материјална основа да го исполниме сетоа ова, немаме. Сепак, и во недостиг на материјална основа, се најде начин да се испорачаат желбите на граѓаните и нивните очекувања. Тоа е, всушност, привидот. Што правите во услови кога немате материјална основа? Ќе си позјамите од странство и хеликоптерски ќе ги расфрлате парите, а луѓето ќе бидат среќни. Така се роди популизмот, а дологорочните последици се задожување на државата. Но, прашањето е до кога ова може да трае?, истакна Јовановски.

Државава, дополни, се задожувала, но не за капитални расходи. 

-Дефицит од две милијарди евра бележиме во надворешно-трговската размена секоја година, последнава година четири милијарди евра. Трендот е јасен, ова е неодрживо на долг рок. Нашиот дефицит е стабилен, а изворите за финансирање на тој дефицит се нестабилни. Легитимно е да се праша до кога? Се ова на крај се рефлектира во билансот на плаќање. Ако таму дојдеме во ситуација да се прилагодуваме изнудено, цената ќе биде многу висока. Јас да сум бизнисмен, би бил сериозно загрижен од ваквата поставеност на работите на долг рок. Цената на крај ќе ја плати бизнисот поради зголемените давачки и даноци. Ова прашање стои под тепих повеќе од 30 години, рече потпретседателот на Комората. 

Според него, друго многу важно прашање е неконкурентноста на македонската економија каде во континуитет не бележиме значајно подобрување.

Месечното обраќање кое почна со излагањето на Јовановски, е новина во активностите на Комората и ќе се одржува редовно, а јавноста ќе може да слушне ставови на врвни бизнисмени и лица со експертиза и висока репутација во општеството, кои доаѓаат од редовите на Комората, но и надвор од неа. Целта е да се актуелизираат одредени теми од интерес за бизнис секторот, но и на јавноста да ѝ се понуди нешто ново и различно, како и да се испратат конкретни пораки до носителите на економските политики за клучните приоритети во државата.