„Стоп за Вардариште“ утре ќе го блокира мостот „Близнаци“


Иницијативата „Стоп за Вардариште“ ја информира јавноста дека во петок, 26 септември, освен закажаниот протест во 18 часот, ќе се одржи и утрински протест со почеток во 07:30 часот. Протестот ќе биде со блокада на мостот „Близнаци“ кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба.Ги повикуваме работодавците да покажат разбирање и толеранција кон вработените кои евентуално ќе задоцнат на работа и ги замолуваме возачите за разбирање.

Го превземаме овој чекор поради истекување на рокот од 5 дена, кој го дадовме за започнување на исполнување на итните барања:
• Воспоставување 24-часовен јавно достапен видео-надзор на депонијата Вардариште.
• Воспоставување 24-часовно физичко обезбедување на Вардариште.
• Итно иселување и соодветно згрижување на лицата кои живеат бесправно на територијата на Вардариште.
• Поставување на ограда околу Вардариште.
• Започнување на процес за конечно затворање на Вардариште.
• Откривање и казнување на потпалувачите и организаторите на пожарите.
• Ригорозни мерки против граѓани и правни субјекти кои ќе продолжат да фрлаат отпад во Вардариште.

Барањата беа доставени до претседателката на Македонија, Владата на Македонија, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, Министерство за социјални политики, демографија и млади, Град Скопје, Општина Гази Баба и Општина Аеродром. До сега, не добивме одговор од ниту една институција. Ги повикуваме СИТЕ ГРАЃАНИ да ни се приклучат бидејќи ЧИСТ ВОЗДУХ е ПРИОРИТЕТ за сите нас, објавија од иницијативата.