Стојкоски го гледа Ѓорче Петров без кал
Дури 200 проекти се нашле во програмата на кандидатот за градоначалник на Општина Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски, на предлог на граѓаните – жители на општината.
– Во програмата се потенцирани 17 носечки проекти кои се обврзувам дека ќе бидат приоритет во мојот четиригодишен мандат. За жал и во 21-от век морам да кажам дека еден од приоритетите ќе биде проектот “Ѓорче без кал” кој опфаќа асфалтирање на сите досега не асфалтирани улици и реконструкција на веќе постоечки улици кои се дотраени во текот на времето. Ова е носечки проект затоа што убедливо најголем број од граѓаните ги потенцираа, особено во руралниот дел на општината, но и во урбаниот дела на Ѓорче Петров, калливите и неасфалтирани улици кои особено во есен и зима не само што им го прават секојдневниот живот на ѓорчепетровци потежок, туку им го прават живеењето недостоинствено – рече Стојкоски.
Тој смета дека за секојдневниот живот на граѓаните на Волково, Кисела Јабука, Стопански Двор, приоритет е доизградба на канализациона мрежа, како и изведба на канализациона мрежа во Орман и Никиштани.
– Мора да напоменам дека и жителите на Кучково кои се неколку месеци без вода ќе бидат приоритет во мојата програма. Иако постојано се апелираше до локалната власт, особено во летните месеци кога проблемот беше најакутен, истата немаше слух за ова прашање – рече Стојкоски.
Најави и поголеми проекти кои предвидуваат изградба на кружен тек на улиците „Ѓорче Петров“ и „Македонска војска“, реконструкција на улици, проектите кои се однесуваат на животната средина, парк во секое маало, уредување на речното корито на реката Лепенец, решавање на дивата депонија во Ново Село.