Стојановски: Владата не предлага даночна реформа, туку арач на сите нивоа


 Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, побара денес место за даночната реформа, на седницата на Собранието да се разговара за итно расчистување на скандалот на Онкологија. 

За потсетување на граѓаните, ова не е даночна реформа, туку арач на сите нивоа.Со данокот за додадена вредност се зголемува ДДВ за храна на 10%, наместо моменталните 5%. Иако бараме веќе неколку месеци, а власта одбива да ја даде целосната листа на производи што ќе ги поскапи. Во услови на инфлација, која е особено изразена кај прехранбените производи, власта дополнително ќе ги покачи цени. Дрско, безобразно и надвор од реалноста.

Со законот за данок на добивка, ќе ги укинат ваучерите за спорт. Откако ги фатија функционерите од Агенција за млади и спорт дека прават злоупотреби, решија да ги укинат ваучерите, а со тоа да ги казнат спортистите. Системот има слабости, но тие треба да се отстранат, а не да се укинат 10 милиони евра кои го одржуваат и онака кревкиот спорт во Македонија. Во комисиската расправа, министерот за финансии најави нов модел, но еве веќе три месеци поминаа, а такво нешто нема.

Дополнително, се додава уште една спорна одредба која му дава преголемо дискреционо право на инспекторот од УЈП да казнува за реинвестирана добивка – на база на субјективна одлука.Ова е уште една гилотина за притисок на стопанството.

Со третиот закон кој се однесува на данокот на солидарност владата удира по најуспешните од стопанството. Се повикуваат на европски практики, само за побрзо да се дограбат до пари кои немилосрдно ќе ги трошат. Не постои регулатива во ЕУ со која е воведен еднократен данок за сите компании како што е кај нас. Во ЕУ овој данок се однесува само на енергетските компании кои работат со нафта, јаглен, природен гас и електрична енергија. Овој закон нема поддршка од ниту еден општествен чинител и сите стопански комори се едногласно против ова решение.

Власта ќе собере стотина милиони евра од граѓаните и стопанството. Овие пари власта може да ги собере со сузбивање на распространетата сива економија, но тоа не го прави. Полесно им е да зголемат давачки отколку да работат.

За крај повторно сакам да апелирам до мнозинството, дајте веднаш да ја почнеме постапката и расправата за случувањата на Онкологија. Секој изминат ден, е можност за трговците со цитостатици да ги заташкаат трагите. Мора да се утврдат лицата кои направиле злоупотреба и истите да бидат соодветно казнети. Довербата пациент доктор е сериозно нарушена, да се лоцира одговорност е повеќе од неопходно, порача Стојановски на прес конференција.