Стоилковски: И сопругата на Мартин Костовски „неопходна“ во МНР?


Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски објави денес дека на листата на „неопходни вработувања“  во МНР од неодамна е и Ивана Костовска, сопруга на пратеникот на СДСМ Мартин Костовски.

-Костовска веројатно била неопходен кадар, па затоа МНР на Бујар Османи ја има преземено од друга институција! Преземањето, најверојатно, е од администрацијата на Општина Куманово, и тоа во јули годинава, соопшти Стоилковски запрашувајќи дали и гласањето во Собранието на Мартин Костовски не се должи на пазар за вработување на неговата сопруга во МНР.

-Димитар Ковачевски и Бујар Османи мора да одговорат од која институција и за која позиција е преземена во МНР сопругата на пратеникот Мартин Костовски? Димитар Ковачевски и Бујар Османи мора да одговорат колку вакви преземања се направени, заради каква неопходност каква што велат, со кои и какви квалификации се преземени лица на пример како Бесмира Ејупи и Ивана Костовска, и зошто ги сокриваа од јавноста?

И најважно, Димитар Ковачевски и Бујар Османи прецизно да одговорат, дали овие две новопримени, неопходни, како што велат, ама на најниски позиции , се планирани или ќе добијат нови позиции со огласот за 16 нововработени, 4 раководни позиции во МНР, оглас на којшто може да се пријават и луѓе веќе во МНР?- порача Стоилковски.