Стоечки овации за „17“ на Косара Митиќ во Сараево


Дебитантскиот долгометражен игран филм на режисерката Косара Митиќ – „17“  за вистинит настан кој се случи во 2016, кога студентка од Скопје го фрли во корпа за отпадоци своето живо родено бебе, во тоалет на граничниот премин Табановцe и замина на апсолвентска екскурзија во странство, доби синоќа, стоечки овации на 32. Сараево филм фестивал кој овие денови е центар на филмската уметност во регионот. 

„Ова е специјална година за македонската кинематографија. Еден од првите филмови што ги избравме во програмата за компетиција е „17“. Тоа е еден од ретките филмови од регионот што беа во натпреварувачка програма на Берлинале. Дебитантски игран филм на режисерка која ја следиме од програмата CineLink низ годиниве. Овој проект беше исто така развиен на таа програма – истакна претходно Елма Татарагиќ, селекторка на играната натпреварувачка програма на фестивалот. Актерка Ева Костиќ која заслужено ги добија најсилните овации од публиката ја толкува улогата на Сара, за која е и номинирана за наградата за најдобра актерка „Срце на Сараево“,

Продуцентот Томи Салковски истакна дека филмот досега бил прикажан на седум фестивали, каде што освоил пет награди, додека премиерата во Македонија допрва следува.
– Вистинскиот живот на филмот започнува сега, по Сараево – нагласи Салковски.

Салковски и Митиќ претходно соработувале на два нејзини краткометражни филма.
– Во 2017 година прочитав во весник за девојка која за време на екскурзија се породила во јавен тоалет на границата и го оставила детето во канта за отпадоци. Тоа е шокантно, но уште повеќе ме запрепасти занемарувањето од страна на околината. Како никој не забележал дека е бремена? – вели Митиќ.

Во филмот играат и Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.
 

Продуценти на филмот се Томи Салковски и Кристијан Буровски, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите ги потпишува Жаклина Крстевска, додека за шминка и фризура е задолжена Карла Лазиќ од Србија. Снимател на звук е Аљаж Лукан од Словенија, а монтажата е на Дејан Смилески.

„17″ е копродукција на македонската „Црна мачка продукција“ со „Арт&попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, поддржана од македонската Агенција за филм и филмските фондови на Србија и Словенија. Филмот доби 23 милиони денари (околу 345.000 евра) на првиот конкурс на Агенцијата за филм во 2021

 

Косара Митиќ е родена во 1987 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, отсек филмска и ТВ-режија, во 2013 година, во класата на проф. Столе Попов. Досега режирала неколку кратки филма, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013), кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали во светот.

Фото: Сараево филм фестивал