Сточарот Божидар Костиќ од Марвинци си ги бара субвенциите за 300 грла овци, но пари нема
Лани во декември овчарите добија 600 денари по грло за 2024 година, а останатите 1.400 денари требаше да ги добијат во март и април годинава. Но и на шест недели пред Новата година пари на сметките на овчарите нема
БИТОЛА – Сточарот од валандовското село Марвинци, Божидар Костиќ, или како што е познат меѓу своите сограѓани како Дарко, е крајно разочаран што субвенциите за овците не се исплатени, пари нема, а, како што вели, се наоѓа во многу лоша финансиска состојба.
Одгледувачите на овци досега за 2024 година зедоа само 600 денари по овца, исплатата беше лани во декември, што значи државата им должи по 1.400 денари по грло доисплата и тоа веќе цела година.
Божидар вели дека има три ќерки и еден син и 300 глави овци, зима доаѓа, а нема како да ги покрие трошоците кои му се натрупуваат секој ден.
„Ова е голема несреќа за нас овчарите и сточарите воопшто, нема пари за субвенции, не можеме да опстоиме. За моите 300 глави овци државата ми должи над 7.000 евра. Каде се парите? Ова не се случило досега да сме на 40 дена пред Нова година, а парите за субвенциите да не се исплатени. Како да ги ранам овците, ама како да ги ранам и моите четири деца? Јас сум овчар од дете, од десет години, друго и не знам да работам. Немам образование, а и немам време со друго да се занимавам оти грижата за овците е 24 часа на ден. Тие се како децата, нема оставање“, вели сточарот Божидар за „Независен“.
Тој бара итна исплата на субвенциите за овците и да се прекине со празни ветувања за сточарите на кои државата им должи по грло овца, ама не е исплатена ни премијата за млекото по 7 денари за литар овчо млеко предадено во откупувачки центри.
„Ни ветија дека субвенциите ќе ги исплатат во летото, не излажаа, дојде есента ни кажаа – сега не може, оти ќе имаме локални избори и се стрпивме, иако не се трпи веќе. Еве изборите поминаа, власта победи ама пари за субвении нема. Наместо тоа слушаме дека имало корупција и апсење на директорот на Платежната агенција. Што значи сега ова дека нема да ни бидат исплатени субвенциите? Дека нема кој да ги потпише и исплати парите? Нека каже министерот кога ќе ни ги исплати парите за овците за 2024 година и за млекото за 2025“, бара сточарот Божидар.
Тој вели дека оваа година била „несреќна“ за него како сточар.
„Голем пожар ми го зафати бачилото ми изгореа 2.000 бали со луцерка, храна за овците. Ми изгореа 70 приколки со ѓубриво од овците, и 7-8 тони со јачмен. Ова е голема трагедија за еден македонски овчар, ем нема пари да преживее, ем го снашле непогоди“, разочарано зборува Божидар и повикува час поскоро да се исплатат сите заостанати субвенции за сточарите, не само за овчарите, туку и одгледувачите на говеда и кози оти и тие се во иста неповолна состојба.
Доцни исплатата на вториот дел од субвенциите по грло овца од програмата за 2024 година. Лани во декември овчарите добија 600 денари по грло, а според календарот за исплата останатите 1.400 денари требаше да ги добијат во март и април годинава. Но и на шест недели пред Новата година пари на сметките на овчарите нема.
Во државата има околу 3.000 одгледувачи на овци, некои крупни сточарски стопанства некои со помалку глави овци, но без субвенции од држвата сите тие се со загрозена егзистенција.
Министерот Цветан Трипуновски рече дека нема проблем државата околу исплатата на националните програми за земјоделеците и дека наскоро ќе има нов директор на Платежната агенција.