Сточарите си ги бараат субвенциите за предадено млеко за 2025 година


Сточарите се револтирани и гневни, вели Тони Петковски од село Велушина

 

БИТОЛА – Сточарите си ги бараат субвенциите за предадено млеко за 2025, дел од нив добија пари за млекото за трите месеци од 2025, дел за два месеци, а најголем дел не добија ни денар, вели Тони Петковски-Паша, сточар од селото Велушина претставник на здружението на сточари „Пелагониско поле“.

Во истовреме, одгледувачите на овци ги чекаат основните субвенциите по грло добиток за 2024 година. Кај нив револтот е уште поголем оти пред избори им било кажано дека сѐ додека не завршат локалните избори нема да им бидат исплатени субвенциите. Сите рокови за исплата на овчарите се пробиени, велат тие.

Последната реакција на сточарите е за, како што велат, „селективната“ исплата за премијата за предадено млеко во откупните центри. Државата им должи на најголем дел од сточарите за предадено кравјо, овчо и козјо млеко за првите месеци од 2025 година. За минатата година овие средства се исплатени. Последната изјава од Платежната агенција беше дека околу 17 милиони евра заостанати субвенции од страната на власта на СДСМ по основ произведено и предадено млеко во откупни центри се исплатени од оваа власт.

Субвенции за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко добиваат сточари кои минимално предаваат 300 литри млеко месечно по земјоделско стопанство. Висината на директните плаќања изнесува 6 денари по литар произведено и предадено кравјо млеко и 7 денари по литар произведено и предадено овчо и козјо.

„Изборите завршија во најголем дел од општините, а сточарите си ги бараат ветените субвенции за млекото предадено во откупувачки капацитети за 2025 и воопшто си ги бараме сите недоисплатени субвенции по повеќе основи кај најголем дел од земјоделците и сточарите. На последната средба со министерот Цветан Трипуновски пред првиот круг од локалните избори во село Оптичари, битолско, ни беше ветено дека кога ќе завршат изборите сѐ е подготвено за исплата на заостанатите субвенции за земјоделците и сточарите“, вели Тони Петковски и додава:

„Дел од сточарите зедоа пари за три месеци за млекото, дел за два месеци, а добар дел воопшто не зедоа пари. Препораките за оние што не се воопшто исплатени се да проверат дали должат кон државата за неисплатена  пашарина, вода за наводнување на нивите или имаат неплатени давачки кон УЈП“, изјави сточарот Петковски. 

Последната исплата на субвенции за млекото за сточарите беше во август годинава. Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски тогаш информира дека исплатени се повеќе од 147 милиони денари на 3.686 земјоделци за произведено и предадено кравјо, козјо и овчо млеко.

Трипуновски рече дека од почетокот на неговиот мандат во Министерството се исплатени повеќе од 11 милијарди денари кон земјоделството.

Тој летово кажа дека поддршката има ефект кога се исплаќа навреме.

Но, на два месеци пред новата година одгледувачите на овци сѐ уште ги немаат земено основите субвенции за овците.

Нивната реакција во септември беше дека се крајно револтирани гневни, разочарани што во пресрет на зимата кога најповеќе им се потребни пари за да обезбедат храна за стоката се оставени без поддршка од државата.

Одгледувачите на овци сега велат дека чекаат стрпливо дали ќе им бидат исплатени субвенциите во ноември кога ќе заврши и вториот круг од локалните избори.

Тие велат дека и трета година по ред, немаат исплата на парите за вработувањето на овчарите.

Во јуни годинава директорот на АФПЗРР Илија Стоилев во теливизиско гостување рече дека -„16 месеци доцнење на исплата во делот на сточарството за мене како личност, како добар познавач на оваа проблематика е недозволиво. Сточарството е трудоинтензивна гранка каде 365 дена се работи, нема никаков одмор и тие производители да чекаат толку долго  е некоректно кон нив и со право реагирале…“