Сточарите од Пелагонија на протест во Битола, бараат средба со министерот Трипуновски
Сточарите бараат доисплата на сите заостанати субвенции до 10 јули, инаку ќе одат на нов протест

БИТОЛА – Сточари од Пелагонија денеска се собраа на мирен протест пред зградата на Министерството за земјоделие во Битола, не се откажаа од намерата и покрај тоа што пред два дена им беа исплатени заостанатите субвенции по грло добиток само на одгледувачите на говеда. Сточарите, одгледувачи на овци и кози, уште не се доисплатени за 2024 по грло.
Главното прашање на сточарите до власта е: „Зошто сточарите се последната гранка за исплата на субвенциите? Лебот, млекото и месото се на прво место за исхрана на граѓаните, а сточарите се последни на списокот за исплата“.
Сточарите бараат средба со министерот Цветан Трипуновски овие денови и доисплата на сите заостанати субвенции до 10 јули, инаку ќе одат на нов протест.
Сточарите ги чекаат и субвенциите за откупено млеко за првиот квартал од 2025 година.
Сточарот Тони Петковски од село Велушина рече дека покрај нередовната исплата на субвенциите има и други проблеми кои не се решени во сточарството, како намалената откупна цена за литар млеко од страна на млекарниците, распределбата на државното земјиште, скапата сточна храна, на прагот на жетвата не се знае цената на житото, пристапот до вода за наводнување на нивите…
„Еден до два денари млекарниците ни скратија на цената на млекото. За нив смешна сума, а за нас многу значајна оти кравите бараат храна и се жива материја. Се доцни со субвенциите со месеци и години. Недопустливо“, изјави Тони Петковски.
Борче Бучински, сточар од Могила, го повика обвинителството да ја испита работата за, како што рече, „по наше, злосторничко здружение против сточарството, од страна на млекарниците“.
„Како може во ист ден сите млекарници да ја урнат цената на откупот на млекото во просек за 1 денар. А за тоа да не биде запознаен министерот? И што е најлошо, и по толку време, по три месеци, да не преземе ништо. Да ги прашам министерот и владата што придонесоа ние сточарите да имаме пониска откупна цена на млекото – порастот на цените на нафтата, струјата, на водата, на ѓубривата, семенскиот материјал, заштитата? Сѐ оди нагоре, а цената на млекото надолу, а за потрошувачите цената во маркетите се зголемува од 30 до 40 денари“, рече Бучински.
Министерството за земјоделство пред два дена на над 4.000 сточари им исплати сума од 340 милиони денари за недоисплатени субвенции за регистрирани крави постари од 12 месеци, согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
По исплатата министерот Цветан Трипуновски објави:
„Продолжуваме со посветеноста кон поддршка на македонското земјоделство“.
Меѓутоа Петковски обвинува дека министерот не сакал да оствари средба со земјоделците пред жетвата.
„Жетвата на житото е на прагот, а цената не се знае, ако биде како лани 10 денари за килограм ќе биде многу лошо. Во Свети Николе јачменот годинава е 9 денари за килограм. Срамно, штетно, погубно за земјоделците. Значи пет килограми жито за топка сладолед. Најниската цена за килограм пченица не смее да биде под 15 денари. И да има сигурни откупувачи на пченицата а не да ја предадеме на хохштаплери и да не можеме да си ги земеме парите. Министерот не сака да оствари средба со сточари и земјоделци пред жетвата. Не сакам никој да мисли дека сточарите сме пуштени на протест, партиски. Земјоделието не го интересира партија, туку само работа и исплата навреме“, вели Петковски.
Одгледувачите на овци се исто така револтирани што не им се доисплатени субвенциите по грло за 2024 година и ги очекуваат секој ден.
„Ниска беше откупната цена за јагнињата, половина од јагнињата ни останаа во бачилата. Ако ги продадеме на приватни лица јагнињата не ни следува субвенција. Бараме субвенциите да ни се исплатат до 10 јули, инаку ќе има нов протест“, рекоа одгледувачите на овци.
Има најави од Платежната агенција дека деновиве ќе ги добијат субвенциите за произведено и предадено јагне во кланица.
Директорот на Платежната агенција Илија Стоилов оваа недела во телевизиско гостување кажа дека со преземањето на функцијата се соочиле со една состојба во млекопроизводството каде што имало заостанување на неисплатени субвенции за произведено и предадено млеко во откупни центри од 16 месеци. Стоилов најави дека на почетокот на јули ќе ги исплати субвенциите за откупеното млеко.
„Направивме напори во еден краток период да ги исплатиме сите заостанати субвенции, околу 17 милиони евра по основ произведено и предадено млеко во откупни центри. Сега ги чекаме последните информации-податоци од млекарниците за предаденото млеко за период до јуни 2025, и веднаш во првата половина на јули ќе биде исплатен првиот квартал од 2025 година“, изјави директорот на Платежната агенција, Илија Стоилов.