Сточарите најавуваат повисока цена на сирењето за 30 отсто
Повисока цена за 30 отсто ќе има домашното сирење. Група сточари од Брегалничкиот Регион најавуваат дека повисоката цена на сирењето без додатоци, кое го произведуваат во своите млекарници на бачилата, ќе ја направат најдоцна до 1 септември.
Причините за зголемувањето на цената е тоа што нема работници, но и климатските промени придонесуваат кон тоа затоа што, како што велат сточарите, домашното сирење се прави без додатоци.
„Токму од овие причини не е исплатливо да се произведува сирење и млечни производи во домашни услови, а резултатите што ги гледаме на терен се: младите не сакаат да работат и да продолжат со сточарството. Затоа се продаваат цели стада на овци“,велат сточарите од Брегалничкиот регион за МИА.
Според нив, пред пет години во најголемиот сточарски регион во Источна Македонија, Малешевијата, биле евидентирани 16 .000 овци. Сега, како што велат, нивниот број е преполовен и изнесува над 8.000 овци.
Домашното сирење во моментот го продаваат по цена од 500 денари за килограм, а со најавеното зголемување се очекува максималната цена да достигне и до 700 денари за килограм. Сточарите упатија и апел до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да се коригира рокот за чување на пријавените овци, од 1 декември на 1 октомври.
Граѓаните на почетокот на изминатава неделава се соочија со нов бран поскапувања на храната и горивата. На списокот на производи со нови цени се најдоа и дел од млечните производи кои по втор пат пораснаа за една недела. Сирењето и урдата се продаваат за 30 денари поскапо, но има најави дека во наредните денови ќе поскапат за дополнителни 15 до 20 денари. Цената на кашкавалот достигна 900 денари за килограм.
И месните производи имаат повисоки цени, а од понеделникот имаше и ново поскапување на горивата поради растот на светските берзи. На едно четиричлено семејство во јули му беа потребни 48.620 денари за да ја комплетира минималната синдикална кошничка. Од нив 20.004 денари или 44,6% се потребни за храна и пијалоци, 13.664 денари или 30,46% за домување, 3.247 денари или 7,24% за хигиена, 3.720 денари или 8,29% за превоз, 2.329 денари за облека и активности, 822 денари за одржување на здравјето. Вкупно за сите потреби се потребни се 44.853 денари, а кога на нив ќе се додадат и трошоците за живот, 3.768 денари или подобро кажано инфлација од 8,4% се достигнува сумата од 48.620 денари.
Владините претставници даваат оптимистички изјави дека макроекономските мерки и монетарната политика ги постигнуваат очекуваните резултати за подобрување на животот на граѓаните преку забавување на месечната инфлација и преку номиналниот пораст на просечната плата. Како аргумент го наведуваат фактот дека граѓаните плаќаат најниска цена на горивото во земјите од регионот.
Од друга страна, најголем дел од граѓаните и економските експерти во земјава велат дека ако се споредат сегашните цени на храната и горивата во земјава со висината на просечните плати во регионот, сепак нашите граѓани континуирано осиромашуваат.