СТО: Растот на глобалната трговија годинава е помал од просекот


Стоковната размена годинава ќе порасне помалку од просекот, соопшти Светската трговска организација (СТО), и додаде дека закрепнувањето во 2024 година може да биде загрозено од продолжувањето на војната во Украина, разгорувањето на инфлацијата и заострувањето на монетарната политика.

Обемот на трговската размена годинава ќе се зголеми за 1,7 отсто, посочува СТО, зголемувајќи ја прогнозата од октомври за еден процентен поен.

Во изминатите 12 години размената растеше во просек за 2,6 отсто годишно.

Во 2022 година порасна за 2,7 отсто, попречена од слабите резултати во последните три месеци.

Следната година треба да донесе силно закрепнување и речиси двојно поголема стапка на раст, од 3,2 отсто, бидејќи се очекува забрзување на економскиот раст, оценува СТО, предупредувајќи, сепак, дека прогнозата вклучува високо ниво на неизвесност и бројни ризици.

Според шефицата на организацијата, Нгози Оконџо-Ивеала, заканите вклучуваат продолжување на војната во Украина и други геополитички тензии, повторно разгорување на инфлацијата и последиците од заострувањето на монетарната политика.

Трговијата досега ги издржа глобалните тензии и заканата од поделба на светот на конкурентни трговски блокови, што би можело да го намали глобалниот БДП за пет проценти.

Сепак, опасноста се уште не поминала, предупредува СТО.

Тие исто така нагласуваат дека богатите земји мора да ги следат можните знаци на криза во снабдувањето со храна што може да донесе глад во земјите со ниски приходи.

Сè уште не е можно прецизно да се одреди како војната ќе влијае на сеидбата во Украина, главен производител на жито, а во други делови на светот посевите би можеле да бидат загрозени од поплави или суши предизвикани од климатските промени.

На земјоделците-поединци во Африка им е потребно ѓубриво и други суровини по достапни цени за да можат да го зголемат производството, нагласува СТО.

Клучот е да се олеснат ограничувањата за извозот на храна, истакнува Оконџо-Ивеала.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година, околу 35 земји воведоа ограничувања за извозот на храна и ѓубрива. До средината на минатата година нивниот број се намали, а потоа повторно се зголеми, на 67 на почетокот на април.

Прогнозата на СТО не го опфаќа услужниот сектор, а организацијата забележува дека меѓународниот туризам е на пат кон целосно закрепнување од корона-кризата, благодарение на укинувањето на ограничувањата воведени за време на пандемијата.

Се чини дека економската несигурност не ја повреди побарувачката за патувања, забележува СТО, додавајќи дека отворањето на границите на Кина и великодушното трошење на кинеските туристи во странство, исто така, би требало да го поттикнат туризмот.