Сто и четири години од раѓањето на претседателот Киро Глигоров, политичарите порачуваат да продолжиме по неговиот пат


По повод 104 години од раѓањето на поранешниот претседател Киро Глигоров, премиерот Зоран Заев и министри во Владата денеска во објави на Фејбук потсетија на неговите политики и дела со кои, како што оценија, придонесе за остварување  на стратешките цели на државата.

– На денешен ден е роден Киро Глигоров (1917-2012), еден од великаните на современата историја на нашата земја и на вековниот стремеж за самостојност на македонските граѓани. Од НОБ и АСНОМ, чијшто учесник беше, и за време на неговите два мандати како претседател во најважните мигови за создавањето на самостојната македонска држава, претседателот Глигоров речиси половина век беше во врвот на нашата политика. Неговата мудрост, огромното политичко искуство и неговиот интелект, беа од суштинска важност и ѝ помогнаа на Македонија да излезе мирно од крвавиот распад на Југославија и да стане меѓународно признаен ентитет. Под мирната рака и водство на Глигоров, и покрај сите предизвици, го чекоревме цврсто и непоколебливо нашиот пат кон светската заедница на независни, прогресивни и демократски држави, напиша Заев.

Од неговите политики и јавни настапи, потсетува премиерот, ќе бидат запаметени многу искажани визии како онаа од претседателскиот инаугуративен говор на 27 јануари 1991 година: „Ќе бидеме разбрани и почитувани, а нашите интереси респектирани од светот доколку се развиваме како демократско општество, способно да ги уредува внатрешните односи по мирен пат, развивајќи секој вид толеранција – верска, национална, политичка. Ние живееме на балканските простори, на кои се испреплетени многу народи. Секој сака да ја сочува својата самобитност, својата историја и национален дух, а тоа е можно само низ висок степен на разбирање и толеранција и без било каков обид да се загрози соседот, просторите на кои живее и неговите длабоко всадени корени“.

– Денес, со својот придонес, поранешниот претседател Киро Глигоров, е дел од остварените стратешки цели на нашата земја. Република Северна Македонија е суверена и самостојна земја, членка на НАТО, земја која ги и исполни највисоките критериуми за слобода, демократија и владеење на правото и го очекува стартот на преговорите со ЕУ. Просперитетна земја, која оди напред и отвора нови можности за нејзините граѓани, истакнува Заев.

Министерот за правда Бојан Маричиќ порачува дека делото и политиките на Глигоров треба да се инспирација и насока за тоа каде треба да се движи нашата држава, а неговиот придонес никогаш да не биде заборавен.

– Овој великан на современата македонска политика, преку своите мудри и визионерски политики беше крик на смиреноста и одмереноста во моментите кога во регионот беснееја војни при распадот на Југославија. Како граѓани треба да биде горди и среќни што во таквите драматични моменти, на чело на државата имавме човек како претседателот Глигоров, кој е еден од најзаслужните, поради кои на мирен пат го остваривме историскиот стремеж за независна држава, стои во објавата од Маричиќ.

Во одделна објава министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потсетува дека Киро Глигоров често велеше дека Македонија ја издејствува својата независност без капка крв. Се негуваше фразата “оаза на мирот”, што ќе рече еднакви права на сите граѓани и принципот на лојалност кон државата да биде подигнат на највисоко рамниште. Да продолжиме по патот на првиот претседател, Република Северна Македонија да биде оаза на мирот, истакна Спасовски.

Како што наведува министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, Глигоров е еден од најпочитуваните и највлијателни политичари на нашата и меѓународната политичка сцена.

– Глигоров со својата смиреност, мудрост и дипломатски став придонесе државата, без ниту една капка крв, да го помине патот на транзицијата. Ќе остане запаметен како политичар кој ја водеше земјата кон независноста и го трасираше патот на напредокот. Денеска сме горда членка на НАТО и земја која чекори кон ЕУ!, стои во објавата на Шахпаска.

Првиот претседател на самостојна Република Македонија Киро Глигоров е роден на 3 мај 1931 година во Штип. Беше претседател во два мандата од 1991 до 1999 година.