СТО доби нов генерален директор – Нигеријката Нгози Окоњо-Ивеала, дипломирала на Харвард, докторирала на МИТ
Светската трговска организација (СТО) денеска ја назначи Нигеријката Нгози Окоњо-Ивеала за нов генерален директор на таа институција. Тоа е првпат жена, но и Африканка, која е на таа функција.
По неколкумесечно блокирање на процесот од страна на претходната американска администрација, претседателот на САД Џо Бајден ја отстрани главната пречка за назначување на Нгози Окоњо-Ивеала на чело на СТО на 5 февруари.
Таа е економистка и експерт за меѓународни финансии и развој и се смета за квалификуван преговарач и градител на консензус, со искуство собрано во Африка, Азија, Европа, Латинска Америка и Северна Америка.
Окоњо-Ивеала помина 25 години како економист за развој во Светска банка, при што таа брзо се искачи по скалилата и стана извршен директор за операции, потсетува германската агенција ДПА.
Таа беше предводник на неколку иницијативи на Светска банка за помош на земјите со ниски примања, како за време на кризата со храна, така и при финансиската криза), генерирајќи повеќе од 40 милијарди долари за Меѓународната асоцијација за развој (ИДА).
Окоњо-Ивеала двапати беше министер за финансии на Нигерија (2003-2006 и 2011-2015) и кратко работеше како министер за надворешни работи во 2006 година. Таа беше првата жена во Нигерија која била на двете позиции.
Како министер за финансии, Оконњо-Ивеала спроведе сеопфатна програма за економски реформи што ја стабилизира макро-економијата на најнаселената африканска земја, тројно ја зголеми стапката на економски раст и поттикна поголема фискална транспарентност за борба против корупцијата.
Нигеријците ја сметаат Окоњо-Ивеала за жената што ја спаси осакатената економија на нивната земја.
Таа се стекна со диплома за економија на Универзитетот Харвард (1976), дипломирајќи со високи почести (Magna Cum Laude) , докторат одбранет на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) и има 15 почесни дипломи од универзитети низ целиот свет.
Окоњо-Ивеала е автор на бројни книги и статии за финансии и економија.
Транспаренси Интернешнл ја прогласи за една од осумте инспиративни борци против корупција во 2019 година, додека списанието „Fortune“ ја нарече една од 50-те најголеми светски лидери во 2015 година.
Окоњо-Ивеала (66) е омажена, со четири деца и има три внуци.