Стигна првиот редовен лет од линијата Софија – Скопје


Првите редовни патници на линијата Софија - Скопје

 

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски утрово ги пречека патниците кои пристигнаа со првиот комерцијален лет на релација Софија – Скопје, со што започна да се реализира редовната авиолинија меѓу двата главни града што произлезе од договорот меѓу мешовитите владини комисии на двете земји.

„Ме радува што во многу брзо време најдовме согласност и заеднички со Бугарија ја воспоставивме оваа линија. Работите се движат во посакуваниот правец и веќе ги гледаме резултатите од работењето на мешовитите групи со колегите од Бугарија. Летот Софија – Скопје од денеска почнува да сообраќа и првите патници веќе пристигнаа во Скопје. Им посакувам добредојде во нашата држава и испраќам порака дека нашата земја има што да понуди во делот на туризмот“, изјави министерот Бочварски од аеродромот во Скопје.

„Како ТАВ возбудени сме да го одбележиме и прославиме влезот на ‘Гуливер’ на македонскиот пазар, со денешниот лет на новата авиолинија од Софија до Скопје. Македонскиот главен град ќе биде поврзан со бугарскиот главен град, со авиолинија, два пати неделно, секоја сабота и секој понеделник, од денес, 26 март. Авиолинијата Софија-Скопје-Софија сега ги поврзува двата главни града за само 30 минути. Веруваме дека оваа авиолинија има огромен потенцијал, како и за туристички,така и за деловни патувања“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

„Авиокомпанијата ‘Гуливер’ е среќна да го најави воведувањето на нов редовен лет меѓу Софија и Скопје. Портфолиото на редовни летови на „Гуливер“ сега се зголемува до 3 нови авиолинии (Бургас, Скопје, Тирана), додека во средината на летото очекуваме да ги претставиме нашите нови редовни прекуокеански летови до Њујорк и Њу Делхи. Ова ќе им овозможи на граѓаните на Северна Македонија и нивните гости да истражуваат нови дестинации кои се достапни само со лет од 30 минути до Софија и поврзување со Црното Море – или до аеродромот во Бургас. Летовите на релација Софија-Скопје се со авион со 70 седишта во економска класа“, изјави извршниот директор на „Гуливер“, Георги Колев.