Стево Ќирков веќе директорува со Скопје ЗОО, а бил осуден за криминал со животни
Од петокот, на вработените во скопската Зоолошка градина како нов директор им се претставува Стево Ќирков, кој беше советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје во мандатот на Данела Арсовска. Ќирков закажува состаноци во директорската канцеларија со вработените на Зоолошката, за плановите за подобрување на условите во неа, пишува денешен СДК.МК. Медиумот испратил прашање до кабинетот на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, дали е назначен нов директор на Зоолошката градина, но одговор не добиле. Денеска Ќирков им изјавил дека уште не е официјално назначен на функцијата, но тоа треба да се случи деновиве.
Инаку одамна се знае дека во Основниот кривичен суд Скопје има пресуда со која лицето С. Ќ. е осудено за измама во 2016 година. Како што стои во пресудата, тој е осуден на затворска казна од 6 месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една година не стори друго кривично дело. Како што стои во пресудата, С. Ќ. продавал куче за кое лажел дека имал педигре, по што оштетеното лице го тужел и го добил случајот.
На нашето прашање дали е осуден за измама со продажба на кучиња направена во 2016 година, Ќирков ни рече дека тоа не е точно, дека тој случај бил оспорен и ни прати документ за неосудуваност. Документот е изваден на 12 јули 2025, му требал за работа во Хрватска. Според законот, условната осуда се брише од казнената евиденција по една година откако ќе помине времето за проверка ако во тој период лицето не стори ново кривично дело.

