Ставија асфалт на „Васил Ѓоргов“, не поминаа ни два дена, пак ја прекопаа

Фото: Б. Грданоски

Неколку дена по завршување на комплетната реконструкција на улицата „Васил Ѓоргов“ во центарот на Скопје, повторно е раскопана, веројатно заради некоја подземна инсталација.

Градоначалникот Петре Шилегов, неколкупати порано ветуваше дека кога некоја улица ќе биде реконструирана сите компании кои треба да постават подземни инсталации ќе бидат известени, за тоа да го направат пред асфалтирањето, а во следните две години да не се прекопува улицата. Исклучок, секако е ако пукне некоја цевка или настане некој дефект.

Инаку, градот Скопје повеќе од еден месец ја најави реконструкција на оваа улица, која опфаќа обнова на оштетените делови од тротоарите, замена на оштетените рабници, како и корекција на крстосницата со улицата „Франклин Рузвелт“.

Фото: Б. Грданоски

За реконструкција на улицата Васил Ѓоргов се вложени околу 20 милиони денари со вклучен ДДВ.

Ова не е прва „грешка“ со улицата „Васил Ѓоргов“. По само неколку дена од реконструкцијата на улицата, врз автомобил во движење падна дрво, а за среќа возачот не беше повреден. Имаше само штета на возилото.

Фото: Б. Грданоски

Тогаш од Град Скопје рекоа дека ќе се истражи кој е виновен и дали дрвото паднало затоа што било поткопано од багерите кои ги копаа тротоарите. Истиот ден, од безбедносни причини беа исечени уште неколку дрвја од истиот дрворед.(Б.Б.)