Стартапот „Неуралинк“ на Маск проценет на околу пет милијарди долари
Стартапот на Илон Маск за импланти во мозок „Неуралинк“, кој беше проценет на речиси 2 милијарди долари во приватно финансирање пред две години, сега вреди околу 5 милијарди долари врз основа на приватно тргување со акции, пишува Ројтерс.
Некои купувања од страна на инвеститори ја зголемија вредноста во последниве месеци, пред објавата на „Неуралинк“ на 25 мај дека американските регулатори одобриле испитувања на луѓе и вградување чипови во мозокот.
Експертите велат дека може да поминат неколку години пред „Неуралинк“ да обезбеди одобрение за комерцијална употреба. Кип Лудвиг, поранешен директор на програмата за невронско инженерство на Националниот институт за здравје на САД, рече дека „оптимистички“ очекува на „Неуралинк“ да ѝ требаат уште најмалку 10 години за да го комерцијализира својот мозочен имплант. Компанијата се соочува и со други предизвици кои вклучуваат федерални истраги за нејзиното спроведување на истражување на животни.
Сепак, акциите на „Неуралинк“ беа продадени на инвеститорите во последните денови по проценета вредност на компанијата од 7 милијарди долари, што е еквивалентно на 55 долари по акција, според е-поштата што ја видел Ројтерс. Ројтерс не можеше да утврди дали продавачот нашол купувачи за таа цена.
Директорите на „Неуралинк“ и Маск не одговорија на барањата за коментар.