ССМ предага неискористениот одмор за 2019 и дел од одморот за 2020 да се искористат во април
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) предлага неискористениот годишен одмор за 2019 година и делот од годишниот одмор за 2020 година да се искористат во април кога се очекува пикот на коронавирусот и на тој начин да се заштитат работниците и заеднички сите да придонесеме кон спречување на ширењето на вирусот.
– Поаѓајки од фактот дека до крајот на месец април, започнувајќи од утре (7 април 2020 година) има 18 работни денови, а во кои 20 април (понеделник), Велигден вториот ден на Велигден според православниот календар е неработен ден за сите граѓани, 17 април (петок), Велики Петок, петок пред Велигден; е неработен за граѓаните од православна вероисповед, 13 април (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден, за граѓаните од католичка вероисповед и 8 април (среда), Меѓународен ден на Ромите, за граѓаните припадници на ромската заедница во РМ, сметаме дека со користењето на годишниот одмор за 2020 година кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, неработните денови и неискористениот годишен одмор од календарската 2019 година, во скоро цел месец април заеднички можеме да придонесеме за спречување на ширењето на коронавирусот Ковид-19 со седење во домовите и излегување само за набавка на неопходните намирници и потреба од здравствена заштита, велат од ССМ.
На овој начин, според ССМ, ќе се зачуваат работните места и нема да има намалување на платите на работниците во април, а истовремено значително ќе се придонесе за зачувување и на јавното здравје.
– Во овие моменти потребно е сите заедно да бидеме солидарни, а за општото добро и за здравјето на нас и на нашите семејства, пријатели, колеги, да придонесеме сите заедно со седење на дома до крајот на месец април. Доколку се прифати нашата иницијатива, истата ќе придонесе во период од повеќе од 3,5 недели, да овозможиме и на здравствениот систем да се справи со најавениот пик на бројот на заразени од вирусот, а и значително да придонесеме истиот да биде што е можно со помал број на заразени и заеднички да се обидеме да спречиме поголемо негово ширење, нагласуваат од ССМ.
Појаснуваат дека согласно член 3 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, за работниците вработени во приватниот сектор опфатени од времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус Ковид-19 се предвидува неискористениот годишен одмор од календарската 2019 година, да се искористи до 31 мај, а делот од годишниот одмор за 2020 година кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 30 јуни.