ССМ дава рок до крајот на февруари да се зголеми минималната плата, ако не ќе има генерален штрајк
Сојузот на синдикати на Македонија остава простор до крајот на февруари Владата и работодавачите да се изјаснат за зголемувањето на минималната плата на 600 евра и на другите плати за најмалку 6 илјади денари, а доколку не се најде решение, веќе за средината на март најавуваат голем работнички протест и генерален штрајк, но и таргетирани протести во градовите во земјава. Ова денес беше соопштено на протестот и блокадата што ги организира ССМ пред Владата, кој е трет во низата, откако претходно истото беше сторено со Собранието и Стопанската комора.
„Денеска дојдовме тројца луѓе повеќе, 24, затоа што 24 министри во владата уживаат на грбот на 540 илјади работници“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов порачувајќи и на Владата на денешната седница да предложат измени и дополнувања на Законот за минимална плата со цел минималната плата да се зголеми на 600 евра и да се зголемат сите останати плати за разликата од претходната минимална плата до новата или за најмалку 6.000 денари.
Тој повтори дека се на улица во волкав број затоа што Законот за јавни собири предвидува дека 21 човек е доволно за да им „прават проблем на функционерите и на газдите“ и дека се повеќе од доволно „да ги нервираат како што и тие ги нервираат работниците две години“.
„Аргументите кои ги изнесувавме минатата година на седниците на Економско социјалниот совет кои што се одржуваа во Владата не беа прифатени од владините претставници и од претставниците на работодавачите“, рече Трендафилов, посочувајќи дека тие аргументи биле дека на секоја една компанија која е затворена се отвораат две нови, дека бројот на вработени од последното зголемување на минималната плата во 2022 година до денес е зголемен, потоа дека работниците на газдите им создаваат капитал помеѓу 5 и 10 илјади евра на годишно ниво во нето износ… Трендафилов се осврна и на главниот изговор против зголемувањето на минималната плата – дека работниците во Македонија не се доволно продуктивни. Според него, деновиве Меѓународната организација на трудот потврдила дека дека работник со 24.379 денари минимална плата заработува месечно 290 илади денари, на газдите, на владата на функционерите и на сите останатати.

„Само 17 отсто од тој колач се дава на работниците за плата. Во државата има пари, но не се правилно распоредени“, рече Трендафилов.
Тој упати порака до Владата на денешната седница многу сериозно да разговара за барањето на работниците за зголемување на минималната плата, како и за зголемување на останатите плати, како и да ги ослободат работодавачите, односно да податат рака на бизнисот за зголемување на платите и за ослободување на придонесите за задолжително социјално осигурување
„Тие пред една година еднострано го одбија предлогот, иако ССМ и работодавачите беа договорени за најмалку 6 илјади денари да се зголемат платите на сите работници во државата“, рече Трендафилов, додавајќи дека некој тоа еднострано го одбил, и со тоа го минирал целиот процес.
„А тој процес денеска го чини државниот буџет десет милиони евра месечно или 120 милиони евра на годишно ниво“, вели Трендафилов.
Тој рече дека денеска Претседателството на ССМ имало седница на која биле донесени неколку одлуки.
„Во наредниот период не исклучуваме ваквите таргетирани протести со 21 човек на улица да продолжат и по градовите, по потреба, таргетирани градови каде што ќе предизвикаме функционерите и таму да не може да се движат и да мора да доаѓаат на работа пешки“, рече тој.
Дополнително, оставаат простор до крајот на февруари да седнат и да се договорат и да кажат за колку пари ќе ја зголемат минималната плата и за колку пари се подготвени да ги зголемат сите останати работнички плати затоа што, како што вели Трендафилов, веќе немаат никакви аргуменити.
„Доколку до крајот на февруари не се договорат и не разговараме за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати, следува генерален штрајк со генерален работнички протест кој ќе биде во неработно време на кој ќе бидат повикани сите работници кои сметаат дека платите им се ниски. За сите работници ќе обезбедиме превоз за да нема никој изговор. Сите ќе излеземе на улица за да докажеме дека не сме задоволни од платите“, рече Трендафилов, објаснувајќи дека протестот ќе се одржи во првата половина на месец март затоа што тогаш треба да се утврди висината на минималната плата.
Тој потсети дека минималната плата минатата година ја утврди министерот за економија и труд без согласност на Економско социјалниот совет, спротивно на законот.
„Се надеваме дека оваа година таквата пракса нема да ја повторат“, рееч Трендафилов.

Запрашан за коментар затоа што државната Медиумска агенција не ја пренсува неговата изјава, Трендафилов рече дека ССМ се бори и за платите на новинарите и дека новинарскиот труд исто така не се вреднува како што треба, како и дека цензурата која што се обидуваат да ја прават на работничките протести на ССМ вродува само со контраефект, бидејќи преку социјалните мрежи пораката ќе биде видена многу повеќе.
Во однос на изјавата на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој вчера повика на дијалогот наместо на протести, Трендафилов рече дека до 31 декември никој не сакал дијалог, но еден протест предизвика да дадат не 30 туку 40 проценти зголемување на плати на одредена категорија на луѓе.
„Еден протест и три блокади предизвиикаа да ги снимаат нашите семејства да не уценуваат и да ни се зајкануваат. Еден протест ги предизвика ‘најголемите газди’ во Македонија да бараат дијалог, дијалог, дијалог. Им подадовме рака, до крајот на февруари може да седнат, да се договорат, може да кажат за колку се подготвени да ги зголемат работничките плати затоа што главниот изговор, продуктивноста, која ја верглаат 35-36 години во Македонија, ги чинеше иселување на најквалификуваните работници и цели нивни семејства“, порача Трендафилов, посочувајќи дека луѓето кои 36 години се на некоја позиција, може да се сметаат себе за најголемите виновници за тоа што се случува во Македонија.
Тој додаде дека вредноста на синдикалната минимална кошница изминатите 24 месеци е зголемена за 9.250 денари, а во истиот период минималната плата не е зголемена воопшто туку е само усогласувана согласно законските одредби. (М.Ј.)