„Српскиот томос за МПЦ е лажен“, вели митрополитот Кирил на Вселенската патријаршија

Некои архиереи од Македонија не ја разбраа играта што ја води Русија со помош на Србите, вели митрополитот Кирил. Тој го споменува името Охридска црква за МПЦ-ОА


Архиепископот Стефан со всленскиот митрополит Кирил и митрополитот Дамаскин од грчката црква

 

МПЦ-ОА е жртва на поголема игра на Русија, а валканата работа ја врши СПЦ. Главниот томос го дава Вселенската патријаршија, српскиот томос е лажен. Со ваква оценка излезе митрополитот Кирил на Имврос и Тенедос во разговор за емисијата „360 степени“.

Митрополитот Кирил беше во посета на МПЦ-ОА неколку денови, а заедно со него беше и митрополитот Дамаскин од Грчката црква. Тие се сретнаа со поглаварот на МПЦ-ОА, Стефан, а во црквата „Света Софија“ во Охрид служеа литургија зедно со владиката Тимотеј.

„Русите, растревожени да не ја изгубат и оваа земја – затоа што, за жал, тоа е целта, наметнувањето на Русија на оваа земја – ги натераа Србите, брзо-брзо, брзо-брзо, да го дадат тој псевдотомос“, вели  Кирил во интервјуто за „360 степени“.

„Архиереите на оваа земја, откако дојдоа во ќорсокак кога Србија не ги признаваше, кога ги екскомуницираше, кога ги затвораше, кога… кога… кога…, што направија? Знаејќи многу добро дека вселенскиот патријарх го има правото, упатија еклитон до вселенскиот патријарх и го замолија и му рекоа: ‘Помогнете ни и дајте ни го решението преку каноничноста и правдата што произлегуваат од Црквата’. Значи, покрај сѐ друго, Вселенската патријаршија и вселенскиот патријарх го имаат и правото за автокефалија. Сите цркви, сите цркви до денес, кои се создадени по древните, историски патријаршии – петте патријаршии: Рим, Константинопол, Александрија, Антиохија, Ерусалим – сите останати добија автокефалност и патријаршиско достоинство од Константинопол. Вселенската патријаршија и вселенскиот патријарх беше тој кој даде автокефалија“, вели Кирил во интервјуто.

На прашањето што значи, тогаш, томосот од СПЦ, Кирил одговара:

„Тоа е провокација, тоа е, дозволете да се изразам така, срам за Црквата. Додека сите стари патријаршии и стари автокефални цркви и поновите никогаш не направиле такво нешто, сега дојде една од новите патријаршии, веројатно најмалиот според редот на патријарсите, Порфириј, српскиот, и го направи овој голем престап, да даде автокефалност. Кому? На една црква која, за жал, над 50-60 години ја држеа во изолација, ја мачеа, ја обвинуваа, ја клеветеа, ја озборуваа со најлоши зборови, основаа друга црква во рамките на оваа црква, за да можат да ги контролираат состојбите и сл. И кога видоа дека работите почнуваат да земаат еден друг замав, – со ставот на Руската црква, за жал, Србите се приклучија кон Руската црква, станаа орган на Руската црква и по налог на Руската црква – го направија овој голем престап: да ја дадат таа лажна хартија – тоа нема суштина, тоа е лажен томос, никој го нема признаено, баш никој, освен Русија, која од конкретни причини го стори тоа.

И за жал – тоа нè растажува нас – што некои архиереи овде не ја разбраа играта што ја играат Русите со Србите“.

Тој дава и еден историјат за ова прашање:

„Кога со години Вселенската патријаршија се обидуваше да најде решенија, тие што нè туркаа в ѕид беа самите Срби. Кога се склучи Преспанскиот договор и заврши прашањето со името, патријархот веќе, по консултација со владата овде, со владата на Грција, ги молеше, буквално ги молеше Србите да дојдат и да седнеме на маса, за да изнајдеме решение. Пишувавме писма до блаженоупокоениот патријарх на Србија, Иринеј, за да дојдат, да разговараме за ова прашање. Тој не ни одговори. Патријархот (вселенски) не сакаше да направи нешто игнорирајќи ги Србите, од љубов и од почит. Патријархот ја почитува и сака секоја држава, секоја земја, секој нација, секој народ; ги признава неговите права, го признава нејзиниот територијален интегритет, го признава идентитетот, националниот идентитет на една држава. Патријархот не настапува, за да се вмеша и да стане окупатор. Не. Вселенската патријаршија сака да даде решенија и да помогне помесните цркви да излезат напред, да бидат слободни, за да можат и тие да им помогнат на луѓето, на народот. Затоа што тоа е мисијата на секоја помесна црква.

Пишувавме, значи, писма, не ни одговараа. Умира блаженоупокоениот патријарх на Србија, Иринеј, доаѓа Порфириј. Му напишавме едно, му напишавме две (писма), не одговори. Третиот пат му подрековме: ‘Видете, ако не ни одговорите, ќе бидеме принудени да продолжиме самите’. Тука работите малку натежнаа. И ни пишува едно писмо, кое поскоро беше малку невкусно исмевање кон вселенскиот патријарх. Тој напиша: ‘Да, да се сретнеме и да разговараме, но сега не можам, затоа што одам во термални бањи на терапија. Исто така, и архиепископот Стефан и тој ќе оди во термалните бањи на терапија’. И иако ни го напиша ова писмо, ние дознаваме – бидејќи денес сè се дознава лесно – дека тие имале тајна средба во Ниш, каде што биле договарани работи зад грбот на Вселенската патријаршија и со укажувања од Руската црква. Тоа се нечесни работи. И тогаш, значи, Вселенската патријаршија рече: Го искористувам правото на еклитон (апелација) што го побараа јерарсите на Охрид. Им давам каноничност. Дека се канонски, немаат проблеми, ги признаваме. И тоа беше едно многу големо нешто. И тука Русите, растревожени да не ја изгубат и оваа земја – затоа што, за жал, тоа е целта, наметнувањето на Русија на оваа земја – и ги натера Србите, брзо-брзо, брзо-брзо, да го дадат тој псевдо-томос, којшто сѐ друго, освен што помогна. Во стварноста ја зароби овдешната Црква на Охрид, бидејќи никој не ја призна оваа автокефалност“.

Митрополитот Кирил зборува и за прашањето околу името на МПЦ, обвинувањата на некои овдешни владици и вели дека името Охридска архиепископија има илјадагодишна традиција, што било извонредна работа. Во целото интервју тој го употребува името Охридска архиепископија или црквата од Охрид.

Се зборуваше дека Патријаршијата доаѓа за да ја пороби Црквата. Воопшто, ама баш воопшто не е така. Затоа што сега во стварноста Охридската црква е една митрополија на Српската црква. И во што постапила Охридската црква како автокефална, без да праша или без да го направи она што ѝ го наметнуваат Русија и Србија? Доаѓа (вселенскиот) патријарх и вели: ‘Не, чеда! Треба да бидете слободна црква. Да бидете признати како автокефална, слободна Црква’. Затоа што секоја држава, слободна држава, секоја слободна земја има право да има своја црква. И слободата на црквата ја помага слободата на државата, на нацијата, на родот.

Патријаршијата не доаѓа за да наметне никакво име. Но, доаѓа за да каже: внимавајте, ќе ставиме нешто што нема да биде национално, ќе биде чисто црковно. И што прави? Го дава именувањето Охридска архиепископија. Една историја од илјада години, Охридска архиепископија! Илјада години! Размислете за тоа! Доаѓа кај една црква што е оформена денес и ѝ дава историја од илјада години. Еве – вели – ова е твојата историја. Тоа сте вие. И не сакаат. Не сакаат!“

Претставникот на Вселенската патријаршија во интервју за „360 степени“ го нагласува она што треба да биде првиот чекор на МПЦ-ОА за да се добие томосот од Константинопол, а за што веќе се зборуваше во овдешната јавност.

„Мислам дека треба да тргнеме од прашањето за признавање и сослужение со Украинската црква. Да се признае петнаесеттата црква, за да продолжиме кон шеснаесеттата“.

Кирил беше именуван за митрополит на Имврос и Тенедос во 2020 година.