Српски медиуми: Пронајдено телото на Матеј Периш?


Тело на младо момче најдено е во водите на Дунав, а српските медиуми шпекулираат дека се работи за сплиќанецот Матеј Периш, кој исчезна во Белград ден пред Нова Година.

Како што дознава „Новости“, гардеробата на мажот начелно одговара на гардеробата на Периш која ја носел во ноќта кога исчезна.

Телото на момчето, утрово го нашле морнари околу 9.30 часот.

Мажот на себе има фармерки, маица со апликација и една бела патика, исто како што бил облечен сплиќанецот Матеј Периш ноќта кога исчезна.

Полицијата го извлекла телото, а на терен се и форензичари.

За потсетување, Матеј Периш, момче од Сплит, последен пат беше виден во еден белградски ноќен клуб пред новогодишната ноќ. Во потрага по него веднаш се вклучија сите расположливи сили на полицијата.

Сигналот на телефонот на Матеј Периш (27) последен пат е фатен во близина на Големиот воен остров, на вливот на Сава во Дунав.

Медиумите претходно наведоа дека се верува оти телефонот бил во џебот на Матеј, кога тој влегол во ледената вода на Сава во Белград, а последен пат сигналот е фатен на километар и пол низводно, каде веројатно е и неговото тело.

Со оглед на времето кое помина од неговото исчезнување, секое најдено тело во Дунав и во Сава прво се претпоставува дека е негово, но досега се покажа дека Периш се уште е исчезнат.