Српски граѓански организации поднесоа кривична за тероризам заради инцидентот со звучен топ од 15. март


Граѓанските организации – Белградски центар за човекови права, Граѓански иницијативи, Комитетот на правници за човекови права – JУКОМ (YUCOM), Иницијатива  A 11, ФемПлац и ЦРТА до Обвинителството за организиран криминал во Белград поднесоа кривична пријава против непознати лица заради сомнение дека на 15. март 2025 година извршиле кривично дело тероризам кога во текот на одбележувањето на 15-минутна тишина употребиле неидентификувано опасно средство со кое беше прекинат мирниот протест во Белград, објави ЦРТА.

На конференцијата за медиуми одржана на 9. април овие организации ги посочија активностите кои ги презеле пред домашните и меѓународните институции со цел заштита на човековите права на граѓаните и граѓанките на Србија. Меѓу другото се имаат обратено и на Обединетите нации што довело до придвижување на специјални процедури, како и поднесување барање за привремена мерка пред Европскиот суд за човекови права.

По протестот, четири илјади граѓанки и граѓани одговориле на повикот од овие организации да поднесат сведоштва за последиците што ги искусиле заради употребата на непознатото средство, од чувство на паника и страв до телесни повреди. Организациите потоа имаат објавено над 3.000 анонимизирани сведоштва на платформата zvuk.labs.rs.

На конференцијата за медиуми, претседателката на Комитетот на правници за човекови права – ЈУКОМ, Катарина Голубовиќ, истакнала дека на 15. март се случил напад врз животот, телото и слободата на голем број граѓани, заради што поднеле кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал. Додала дека организациите се во контакт со Првото основно јавно обвинителство во Белград, кое води сопствена предистрага во врска со настаните на 15. март.

Според неа, масовниот одзив на граѓаните на повикот на граѓанските организации јасно укажува на загриженоста дека некој се обидел да изврши напад врз нив и ја отсликува длабоко вкоренетата недоверба на граѓаните во институциите на системот.

Со оглед на тоа што на 8. април истекол рокот до кој Република Србија била обврзана да достави коментари до Европскиот суд за човекови права како одговор за наводната употреба на сонично или друго средство во текот на протестите на 15. март, за кое во јавноста се користи терминот „звучен топ“, Владица Илиќ од Белградскиот центар за човекови права изјави дека во најскоро време се очекува известување од Судот.

„Во склад со наративот што се користи за обраќање до јавноста, државата во својот одговор до Европскиот суд за човекови права ја негираше употребата и поседувањето на какво било сонично или слично оружје“ – додаде Илиќ.

Платформата zvuk.labs.rs содржи сведоштва за звучниот напад во тек на мирниот собир на кој граѓаните укажаа почит на жртвите на падот на натстрешница во Нови Сад. Како што објасни Ѓорќе Кривокапиќ од Фондацијата Шер (SHARE), сведочењата се групирани според зоните кои го покриваат просторот од Палатата Албанија до Славија во центарот на Белград. Базата содржи и податоци за анализите на звук и други сетилни дразби кои ги опишувале граѓаните, со посебен фокус на психолошките ефекти – страв, вознемиреност, конфузија, укоченост и други последици кои, кај некои граѓани, траат и скоро месец дена по инцидентот.

Претходно експертите за звук од непрофитната организација ИарШот (EarShot) анализирале четири различни снимки од местото на звучниот удар и прелиминарно утврдиле дека се работи за бучава како што ја произведува уредот звучен топ, модел Vortex Ring Gun или Vortex Cannon. Важно е да се нагласи и дека професорот по социјална психологија Клифорд Стот од британскиот Универзитет Кил, во своето прелиминарно експертско мислење, го објасни однесувањето на луѓето во текот на инцидентот како нагла промена на однесување која не е последица на лажна тревога, туку на присуство на „надворешна сила или стимул кој заслужва дополнителна истрага“. (Мета)