Српската опозиција продолжува со бојкотот на Собранието и со протестите


Опозициските пратениците во Собранието на Србија, потписници на Договорот со народот од протестите „1 од 5 милиони“, денеска најавија дека ќе продолжат со бојкот на Парламентот и со протестите се додека не добијат гаранции дека ќе се нормализира собраниската работа, не се „ослободат медиумите“ и не се спроведат фер избори.

Пратеникот и лидерот на партијата Двери, Бошко Обрадовиќ, на прес-конференција во српското Собрание изјави дека најавата за нормализирање на работа на Парламентот што пред два дена ја даде собраниската претседателка Маја Гојковиќ по критиките во извештајот на Еврокомисијата, не е доволна и дека гаранција за тоа е само нејзина смена.

Обрадовиќ истакна дека гаранциите важат и за бараните промени во Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), како и за усвојувањето на препораката на стручниот тим за обезбедување на слободни и регуларни избори.

– Без исполнување на тие гаранции, јас не и верувам на Маја Гојковиќ, ниту на (српскиот претседател) Александар Вучиќ. Без овие гаранции не постои причина да учествуваме во какво било ново реално шоу или психодрама на Александар Вучиќ, изјави Обрадовиќ.

Тој оцени дека со извештајот на Европската комисија, опозициските протести и бојкот на Парламентот добиле „огромна сатисфакција“, бидејќи во него е изнесено сето она што го говори опозицијата последните години.

– Наша цел е да учествуваме на изборите и во работата на Парламентот, но под одредени услови и гаранции кои мораме да ги добиеме…, а во овој момент не постои гаранција и затоа бојкот продолжува, рече Обрадовиќ.

Пратеникот од Социјалдемократската партија (СДС), Марко Ѓуришиќ изјави дека извештајот на Европската комисија покажува дека Србија „се откажала од својот европски пат и дека процесот на интеграција во ЕУ не може да биде фингиран со изјавите дека Србија ќе истрае на овој пат, а во суштина се уништуваат правата и слободите на граѓаните и правото на слободно мислење и изразување.“

Пратеникот на Новата партија (НОВА) и поранешен српски премер, Зоран Живковиќ, изјави дека извештајот на Еврокомисијата преставува „будење“ на администрацијата во Брисел, која на крајот од мандатот дала став кој ги одразува случувањата во Собранието на Србија и во целата држава.

Со соопштение денеска се огласи и опозициското Движење на слободните граѓани (ПСГ), кое ја повика српската премиерка Ана Брнабиќ да се произнесе за однесувањето на министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ во ОН, оценувајќи дека овој чин преставува „најевтини популизам, кој многу ќе ја чини Србија“.

– Примитивното и невоспитано однесување на Дачиќ не е само негов личен проблем. Тој е првиот човек на српската дипломатија, тој ја претставува Србија во светот и секогаш не изненадува со ново ниво на примитивизам, што ја уништува репутацијата на Србија во меѓународната заедница. Не треба да бидеме изненадени кога другите не не почитуваат, бидејќи со поставувањето на Дачиќ за министер за надворешни работи го покажуваме елементарниот недостиг на самопочитување. Да се нарекуваат Американците колонизатори на сред Њујорк, е фантастичен „дипломатски потег“, подеднакво глупав и штетен, оценува во соопштението лидерот на ПСГ, Сергеј Трифуновиќ.