Српската царина во чудо: Македонец сокрил во гепек живи фазани и пауни


Српската царина извести за необичен обид за шверц, во кој главна улога имал македонски државјанин. Нашинецот вчера преку преминот „Прохор Пчињски“, на излез од Србија сокрил 40 птици и се обидел да ги внесе во Македонија.

Патките, гулабите, пауните и фазаните биле сопрени во гепекот од автомобилот „пежо“. Откако бил фатен, македонскиот државјанин рекол дека птиците ги зел во Врање, а потоа се премислил и тврдел оти му ги дале во Нишка Бања.

При прегледот, цариниците пронашле по 12 патки и кокошки, по четири гулаби и фазани, како и два пауни во картонски кутии, пластични и метални гајби. Четири фазани и два гулаби биле сокриени под седиштата на возачот и на совозачот.

Птиците се сместени во карантин, а против нашинецот е покрената прекршочна постапка.