„Среќна судбина е што албумот се реиздава на плоча по 20 години“: „Трета мајка“ за Стефановски, Тадиќ и Спасов (фото)


Фото: Б. Грданоски

Дваесет години подоцна, кругот повторно се затвора за „Трета мајка“, едно од  највредните албумски изданија во македонската дискографија, рече, денес, на пресот, организаторот Бобан Милошески, сопственикот на „Авалон“, во пресрет на двата концерти, викендов, од 20, 30 часот, на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ. Тоа ќе биде впрочем и нивен прв настап во Македонска филхармонија, додека во Скопје одамна немаат свирено заедно. 

 
Фото: Б. Грданоски

Големо задоволство е да се доживее второ издание на нешто што си го работел порано, овој пат во подобра верзија. Тогаш беше тоа на ЦД, сега е на винил, повторно се винилите во мода на мое големо задоволство, и не само на мое туку и на голем број луѓе на кои им значи нешто квалитетниот звук. И покрај тоа што живееме во дигитално доба, мислам дека аналогните плочи и аналогните машини на кои се создаваше музика се се уште ненадминати. Кога го добив овој примерок на „Трета мајка“ и кога го пуштив, ми дојде таква некаква носталгија или возбуда и имав потреба да се расплачам. Толку питомо ми звучеше тоа што го слушнав, толку невино, толку неискварено иако не беа и тоа некои мирни години. Ова е настанато 2004 година, тоа не беа некои прекрасни години, меѓутоа дружбата меѓу Мирослав, мене и Теодосиј Спасов имаше некаква возвишена димензија и за мене секој концерт со Мирослав претставува мал празник на музиката, затоа што прво ретко се гледаме – Мирослав живее во Лос Ангелес, таму е професор, шеф на катедра за гитара на една престижна школа во Калифорнија, рече Стефановски за новото и освежено издание на албумот „Трета мајка“ кој е издаден пред 20 години.

 
Фото: Б. Грданоски

Тој вели дека со Мирослав функционираат, на некаков чуден начин без многу вербална комуникација, без многу договарања, без многу вежбање, без многу проби. Така го снимиле и албумот „Крушево“ и „Трета мајка“. Тоа се должи и на тоа што Мирослав е, вели, еден од најголемите фанови на македонска музика што го познава.

-Кај него во Лос Анџелес во неговата колекција сум сретнал изданија од Виолета Томовска, од Вања Лазарева, од Сариевски, од Кирил Манчевски, од Никола Бадев. Значи, тој ги има сите синглови издадени во шеесеттите, седумдесеттите години и ако му кажеш за некоја песна он ќе ти каже која верзија ја сакаш од Васка Илиева или од Вања Лазарева. Тој е фасцинантен познавач на македонската музика. Нас ни е тоа природно, но за некој што живее во Калифорнија и не звучи дека е толку природно. Така што, ако ми е мене тоа втора природа таа музика, бидејќи сум овде роден и цел живот живеам во Скопје, во Македонија, ако ми е мене тоа нормална работа, на некој му е тоа наука и страст и посветеност. Така што, многу се радувам на овие концерти кои следуваат, поготово што ќе бидат во Македонската филхармонија која е една од најдобрите концертни простори што во моментов ги имаме. Секој мој настап таму посебно ме возбудува и ме радува и верувам дека концертите ќе бидат права посластица – уживање за сите оние на кои оваа музика нешто им значи, вели Стефановски.

Бобан Милошески од Авалон продукција ова винилно издание на „Трета мајка“ во сегментот на издаваштво претставува своевидно затворање на кругот, токму поради квалитетот на звукот на винил.

 
Фото: Б. Грданоски

– Судбината сакаше тој винил да биде „Трета мајка“ затоа што се работи за едно навистина монументално издание кое можеби, Влатко, ќе се сложи со мене, а можеби не, сепак својата вистинска слушателска димензија ја добива на винил. Мислам дека не е исто „Трета мајка“ да се слуша на ЦД и на винил и дека музиката која ја свират Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов на „Трета мајка“ поготово она што Влатко и Тадиќ го прават лајв треба да се доживее лајв и на винил и поради тоа ние како Авалон заедно со Скандона која е подлиценцен издавач на „Трета мајка“ се одлучивме да го направиме ова навистина право мало слушателско ремек дело, рече Милошески кој нагласи дека серијата на светски концерти на Авалон започнува со концертите на Влатко и на Тадиќ во сабота и во недела.

Стефановски во моментов работи на неговиот нов албум со неговиот бенд за кој веќе се подготвени 10 песни од кои е многу задоволен и го најавува за во текот на есента во издание на Кроација рекордс. Тоа ќе биде вели и одбележување на неговиот јубилеј 50 години на сцената.

Инаку, Теодосиј Спасов, кој е негов голем пријател и музичар, бил поканет, но нема да настапи со него и Мирослав на концертите во Скопје, поради претходно договорени обврски во Турција.