Средното полициско образование се возобновува по 26 години, ќе се запишат околу 200 ученици, МВР со инвестиции во Центарот за обука


Околу двесте ученици ќе се примаат во првата, односно 25 класа на новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија, за кое јавниот повик за учебната 2026/2027 година се очекува околу 1 јули. Со него ќе се возобнови средното полициско образование по пауза од 26 години, односно од завршувањето на последната генерација (1996-2000) пред укинувањето на тогашниот Центар за образование на кадри од областа на безбедноста (ЦОКОБ) „Елисие Поповски-Марко“.

Новото средно полициско училиште ќе биде двегодишно (трета и четврта година) и ќе запишува средношколци на возраст од 15-16  години, кои првите две години ги завршиле во кое било четиригодишно средно училиште во државата. Учениците ќе имаат настава по стручни и општообразовни предмети и ќе престојуваат во ученички дом (интернат) во склоп на Центарот за обука на МВР (Полициска академија) во Идризово, каде што за полицајци се школувани 24 генерации, од 1972 до 2000 година, во некогашното четиригодишно полициско училиште.  

 

Теоретски знаења и практични вештини според безбедносните стандарди

Средното полициско училиште – Полициска академија се формира со одлука на Владата и врз основа на Законот за средно полициско училиште, кој беше донесен во август поради недостигот од формализирано средно полициско образование. 

Откога е укинато училиштето постои основна полициска обука на кандидати од 18 до 25 години, избрани на јавен оглас, кои по една година во Центарот за обука засноваат работен однос во МВР. Тоа, според иницијаторите за основање на новото средно полициско училиште, не овозможува рана и целосна подготовка на идните полицајци. Врз основа на компаративни искуства на земји од регионот, сметаат дека училиштето ќе обезбеди континуирано, структурирано и квалитетно образование уште од средношколската возраст и ќе подготви кадар кој од првиот ден на професионалната кариера ќе поседува теоретски знаења и практични вештини во согласност со безбедносните стандарди и потребите на државата.

За да бидат примени учениците ќе треба да исполнат општи услови (државјани на Северна Македонија, помлади од 18 години, активно користење на македонскиот јазик, здравствена и психофизичка способност) и посебни услови што ги пропишува министерот за внатрешни работи. 

М-р Влатко Митковски, помошник на министерот на Центарот за обука на МВР, за МИА вели дека откога се најави отворањето на полициското училиште, на нивната фејсбук-страница постојано добиваат прашања за детали во врска со наставата и кога ќе биде објавен конкурсот. За да ги информираат учениците што завршуваат втора година планираат посети на средните училишта во државата. 

Во согласност со роковите од законот, вели Митковски, Министерството за внатрешни работи околу 1 јули на својата веб-страница ќе го објави јавниот повик за прием на ученици, по што заинтересираните ќе поминат повеќе проверки – здравствени, психофизички, ќе полагаат тест за општо знаење, тест за интегритет и ќе имаат интервјуа пред комисија која ќе ја прави селекцијата на кандидатите.

Тие што ќе бидат примени, од 1 септември ќе имаат бесплатно сместување и исхрана во интернатот на Центарот за обука на МВР во Идризово.  

– Тестот од општо знаење и психофизичките проверки ќе носат најмногу бодови, а успехот од првите две години средно е последен фактор во рангирањето, но ќе влијае доколку има повеќе пријавени кандидати со ист број бодови. Во зависност од бројот на кандидати, проверките за селекција ќе бидат закажани во неколку термини. Нема да има квоти за девојки и за етнички припадности затоа што полицијата не ја делиме по некоја основа. Кога ученикот ќе матурира станува полицаец и има загарантирано работно место. Со завршено средно влегуваат на работа. Размислуваме во иднина тие да имаат мала предност и наместо како досегашните кандидати на основна обука кои почнуваат како помлад полицаец, директно да почнат како полицаец. Ќе бидат распоредени во секторите за внатрешни работи од каде што доаѓаат. Најмногу ќе се бара за Скопје и, бидејќи СВР Скопје ќе прерасне во Оддел за внатрешни работи, ќе имаат и поголеми плати, во согласност и со проблематиката и обемот на работа во однос на другите градови. Идејата е од средното полициско да излегуваат кадри кои во иднина ќе бидат раководни во МВР, изјави Митковски.

 

Реновирани објектите за сместување, подготовка на наставните програми 

МИА го посети Центарот за обука на МВР кој интензивно се подготвува за отворањето на Средното полициско училиште – Полициска академија. Објектите за сместување се реновирани, некои се доуредуваат, се опремуваат училниците и кабинетите за настава. Во соработка со Бирото за развој на образованието и Центарот за развој на стручното образование при МОН се усогласуваат наставните програми и наставните планови и се прават планови за наставниот кадар.  

За разлика од наставата на модули, каква што следат кандидатите избрани на јавен оглас  за основната едногодишна полициска обука,  за средношколците наставата е предметна. Во општообразовните предмети ќе се изучуваат македонски јазик, англиски јазик, историја, спорт, математика-изборен. 

– Ќе има доста стручни предмети во областа на полициската тактика, етика, методика, криминалистика, содржини што се однесуваат на полициско право и полициски овластувања, кривично и прекршочно право, кривична постапка, уставно и управно право итн. Ќе имаат и настава за одбранбени вештини, ракување со оружје и гаѓање. Кога ќе станат полнолетни, односно на крајот од четврта година, пред матурата, ќе ракуваат и ќе полагаат со вистинско оружје. И информатиката им е задолжителна за да може да работат со постоечките програми и софтвери на МВР, појаснува Митковски. 

Предметите ќе ги предаваат наставници, стручни соработници (вработени во МВР со статус на овластени службени лица) и истакнати стручни лица, кои, како што вели нашиот соговорник, ќе бидат доктори на науки во конкретна област или кои имаат запишано докторски студии, меѓу нив и пензионирани од МВР со големо работно искуство. Наставниците за општите предмети ќе ги вработат по конкурс или ќе ги позајмат од други средни училишта кои немаат исполнет фонд на часови.

Бирото за развој на образованието е надлежно за давање мислење за општообразовните предмети. Директорката на БРО, Милка Тримчевска, за МИА изјави дека при изработката на наставниот план за овие предмети, Бирото ќе се раководи од принципот на обезбедување проодност кон високото образование, како и од усогласеност со Концепцијата за државна матура, со цел учениците од средното полициско училиште да може непречено да го продолжат образованието.

– По финализирањето и официјалното утврдување на наставните планови и програми ќе следува постапката за изработка и/или одобрување на учебници. Во однос на општообразовните предмети ќе се води сметка тие да бидат усогласени со националните стандарди и наставни програми што се применуваат во другите средни училишта, со цел да се обезбеди континуитет, споредливост на знаењата и можност за полагање државна матура, рече Тримчевска.

Центарот за обука на МВР ќе се прошири на дополнителни 10,5 хектари

И по отворањето на средното полициско училиште, во Центарот за обука на МВР ќе продолжат паралелно да се спроведуваат едногодишните основни обуки за полицајци, за кандидати од 18 до 25 години.  Во тек е обуката на 600 кандидати и селекцијата за наредната обука на новите 150 кандидати – само за подрачјето на Скопје. Митковски вели дека огласите во иднина ќе бидат за помал број кандидати и потребата од нив ќе се намалува со излегувањето на класите од средното полициско училиште.

За сместување на првата генерација ученици од учебната 2026/2027 ќе нема проблеми – капацитетите ќе бидат слободни бидејќи обуката на 600-те кандидати ќе заврши во август,  а новите 150  ќе бидат сместени во една зграда.  Објектите од интернатот се реновирани, дополнително ќе се менува и канализациската и телекомуникациската инфраструктура.  

Центарот за обука на МВР ќе се прошири за дополнителни 10,5 хектари каде што  ќе се наоѓаат терените за тактичка обука и спортските терени. Во план е изградба на нов објект за Средното полициско училиште – Полициска академија, а во новиот дел оваа година ќе се гради и ново стрелиште. Предвиден е и полигон со стази за обука за ескортно ВИП-обезбедување.  

– МВР многу инвестира во Центарот за обука. Преголем зафат е, премногу активности за реновирање и проширување, меѓутоа се оди кон квалитет. Останува да заврши реновирањето на два павилјона, се реновира Криминалистичкиот музеј, библиотеката и спортскиот базен каде што за наставата по физичко среднистите ќе имаат и пливање. Овој Центар прераснува во регионална академија за полициска обука и ги зајакнуваме континуираните обуки. Постојните капацитети ќе бидат наменети, пред сè, во тој дел и во делот на основна обука на полицајци која ќе продолжи и понатаму во согласност со потребите, додаде Митковски.    

До почетокот на учебната година ќе се донесе одлука и за име на Средното полициско училиште – Полициска академија затоа што нема да го задржи некогашното „Елисие Поповски-Марко“. Ќе се изработат и обележја на училиштето кои неговите ученици ќе го имаат на своите униформи. (МИА)