Средношколците ги предупредуваат непрописно паркираните
Втората фаза од едукативниот проект „Паркирај совесно“ во организација на ЈП Паркинзи на Општина Центар, ЈП Градски паркинг-Скопје и Министерството за внатрешни работи започна денеска пред Гимназијата „Орце Николов“. Со овој проект средношколците од трета година ќе излезат и ќе ги предупредуваат непрописно паркираните автомобили а ќе делат пофалници на оние што се паркираат прописно. Целта на проектот е јакнење на сообраќајна свест кај младите како и намалување на сообраќајот во градот.
Директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски, појасни дека првата фаза започнала пред два месеца и е успешно завршена.
– Со првата фаза успеавме во сите средни школи да направиме обуки за средношколците од трета година и заедно да ја подигнеме сообраќајната свест. Во соработка со ЈП Паркинзи на Општина Центар и Министерството за внатрешни работи од 24 училишта направивме над 150 обуки и успеавме да едуцираме над 4.500 ученици. Првата фаза заврши, но тоа не е крај на проектот. Втората фаза ја отпочнуваме од денеска, со цел тоа што го научија да го видиме во пракса, учениците ќе излезат на терен и ќе ги предупредат оние кои се непрописно паркирани, а ќе ги пофалат оние кои се прописно паркирани за да увидат какво влијание имаат непрописно паркираните на целиот сообраќај во Градот Скопје, рече Кичевски.
По завршување на втората фаза Кичевски појасни дека следува последната фаза каде што ќе има и тестирање.
– Во третата фаза од овој проект учениците ќе сликаат и најинтересните фотографии ќе ги споделуваат на социјалните медиуми. Десетте најсподелувани и најлајкнати фотографии, но и десетте најдобри ученици кои ќе бидат тестирани во последната фаза, односно на крајот на месец мај, ќе добијат награда. Наградата е седумдневен одмор во Грција, со што ќе успееме да ги поттикнеме учениците да се вклучат повеќе во оваа активност. Тука не застанува овој проект, продолжуваме понатаму и наредната година и се надевам дека ќе успееме да најдеме и други кои ќе го поддржат овој проект, рече Кичевски.
Додаде дека непрописното паркирање лошо влијае на целиот сообраќај и претставува сериозен проблем со движењето во градот, затоа се надева дека овој проект ќе заврши успешно како што е планирано.