Средношколци од „Васил Антевски – Дрен“ вршеа едукација во јавниот превоз


Под мотото „Патуваме заедно, учиме одговорност, сигурна безбедност“, триесетина ученици од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ во текот на вчерашниот ден се возеа на повеќе линии од јавниот превоз и им помагаа на старите и изнемоштени лица и на мајките со мали деца при користење на превозот.

Ова беше само дел од акцијата по иницијатива на училиштето со цел да се укаже на сите корисници на јавниот превоз, особено на младите, на применување на бонтон, како и да се пренесе пораката за потреба од поседување билет при користење на превозот, заштита на инвентарот на возилата, примерно однесување од страна на младите…

Позитивните реакции на патниците беа доказ дека учениците ја постигнаа својата цел, односно покажаа дека и младите се одговорни граѓани и „сакаат, можат, делуваат“.

Искуствата и реакциите од еднодневната акција која се одвиваше на 15 линии најчесто користени од страна на младите, учениците ќе ги искористат и за изработка на анкета од страна на Ученичката заедница со цел сондирање на нивното мислење за безбедноста при користење јавен превоз, како и за доставување на предлог идеи за унапредување на истата.

Акцијата на СЕПУГС „Васил Антевски – Дрес“, на која ЈСП Скопје даде несебична поддршка, беше впрочем само дел од неколкуте активности организирани по повод патрониот празник на училиштето со надеж дека таа ќе стане традиционална, а на која ќе се приклучат и други образовни субјекти.