Средните училишта со здравствени струки нема да запишуваат ученици вонредно


Илустрација - Средно медицинско, Фото: Б. Грданоски

Во средните училишта во државава кои имаат насоки од здравствена струка повеќе не ќе може вонредно да се запишуваат ученици. Од Министерството за образование и наука за МИА потврдија дека во овие училишта е пратен допис со кој се бара запишувањето вонредни ученици да се стави во мирување.

Досега вонредно можеше да се заврши средно образование за медицинска сестра, фармацевтски техничар и за други профили од здравствена струка.

Неофицијално, заинтересирани се најчесто кандидати со завршено средно образование, кои се преквалификуваат со намера да стекнат диплома во овие области и да конкурираат за работа во странство. 

МОН не ја прецизира причината за оваа одлука, но посочува дека таа е донесена за да се заштитат националните интереси.

-МОН испрати допис до сите училишта во кои се реализира здравствена струка, дека запишувањето  вонредни ученици се става во мирување. Одлуката е донесена во насока на заштита на националните интереси, а согласно анализа на состојбите на пазарот на трудот, велат од МОН за МИА.