Средба со заменикот на генералниот директор на ММФ: Силна и независна централна банка – клучот за одржување на стабилноста во услови на неизвесност


Силна и независна централна банка е клучот за одржување на стабилноста во услови на неизвесност, било истакнато на средбата меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, на маргините на Годишните средби на ММФ и Светската банка. На средбата, како што соопшти Народната банка, присуствувала и министерката за финансии Гордана Кочовска Димитриевска.

-Народната банка спроведе навремени и соодветни монетарни и макропрудентни мерки, коишто овозможија стабилизирање на инфлацијата, одржување стабилен курс на денарот и зајакнување на финансиската стабилност. Сепак, со оглед на високата геополитичка неизвесност важно е да се продолжи со внимателни макроекономски политики, но и со натамошно јакнење на институциите. Во овој контекст од огромно значење е да се зачува независноста на централната банка, било посочено на средбата.

Во услови на светски ценовни шокови и нестабилност Народната банка, како што се наведува во соопштението, одговори со обемен сет мерки, коишто вклучуваа интервенции на девизниот пазар, приспособување на каматните стапки, задолжителната резерва и макропрудентни ограничувања.

-Со овие мерки не само што постигнавме значително намалување на инфлацијата на едноцифрено ниво, туку и обезбедивме стабилност на девизниот курс и стабилни и зајакнати биланси на банкарскиот сектор, истакнала Ангеловска-Бежоска.

На средбата, посебен акцент бил ставен на последните геополитички случувања, коишто создаваат нова неизвесност во светската економија и на светските финансиски пазари. Било истакнато дека во вакви услови, за малите економии отворени кон светот е особено важно водењето сигурни политики, создавањето простор за реакција на потенцијалните шокови и постоењето на силни институции.

Токму во овој контекст, како што стои во соопштението, акцентот бил ставен на натамошното унапредување на законската рамка за Народната банка во согласност со највисоките меѓународни стандарди. Сето ова придонесува за јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка и за зголемување на нејзината транспарентност и отчетност.