Средба на жителите од Центар со маалските позорникари


Граѓаните кои живеат околу Зелениот пазар во општина Центар се запознаа со маалските редари (позорникари) кои ќе се движат низ тој дел од населбата. На средбата беа градоначалникот Горан Герасимовски, претставници од Министерството за внатрешни работи и инспектор за превенција на криминалитет при СВР Скопје.

Општина Центар информира дека граѓаните од позорникарите добиле совети како да го обезбедат домот пред заминување на годишни одмори, поддршка секоја сомнителна активност да ја пријавуваат, а се разговарало и за засилени акции за дивите продавачи и за секое прашање во врска со нивната безбедност.

– Со маалските полициски службеници на терен се враќа спокојот на граѓаните. Мене ми е мило што и Министерството за внатрешни работи имаше слух за ова барање на граѓаните и одговори на потребите. Во следниот период ќе продолжи патролирањето на полициските службеници во секое маало и тие ќе нѐ заштитуваат нас и нашите деца. Со самото присуство на позорникарите ние, родителите, ќе си ја вратиме сигурноста и чувството за безбедност, изјави градоначалникот Герасимовски.

Позорникарите на средбата со граѓаните споделија основни совети за подигнување на безбедноста на домовите и повикаа сомнителни активности да се пријавуваат на телефонскиот број 192.

Позорникарите кои во минатотото постоеја во маалата заради безбедност на жителите во населбите повторно се враќаат на терен – најпрво во Центар, а потоа и во други општини во Скопје.