Средба на Ангелов со претставници од Националниот сојуз за планинско спасување


Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов имаше средба со претставници од Националниот сојуз за планинско спасување на која се разговарало за спасување човечки животи во планина при тешки временски услови во сите годишни времиња по меѓународни стандарди.

Како што соопшти ЦУК, на средбата присуствувале Константин Циривири од Здружението за заштита и спасување од Скопје, Мартин Пејоски од Планинска спасителна служба при Црвен крст Охрид и Антонио Додевски, претседател на Националниот сојуз на планинско спасување.

– Присутните претставници од невладиниот сектор за Планинско спасување, особено повозрасните, коишто соработувале со Стојанче Ангелов на оваа тема за потребите на одбранбено-безбедносните структури во коишто Ангелов работел во последните неколку децении, истакнаа дека е драгоцено заедничкото искуство во поглед на алпинистичката обука на полициските и армиските структури. Исто така, тоа дава и еден правец за одредено пренесување на таквото искуство и во сегашната, а секако согласно современите светски текови, искуства, а и во идна нова поставеност на Системот за управување со кризи во државата, стои во соопштението на ЦУК.

Центарот за управување со кризи посочува дека Ангелов во функција на в.д. директор на ЦУК неодамна имал средба со планинските спасители во Охрид, непосредно и со нивните обучени луѓе – спасувачи, а во јануари годинава во Охрид бил запознат и со нивната опрема за спасување, на промотивна изложба на донацијата од ЕУ – специјализирана опрема и возила за барање и спасување настрадани на тешко пристапни терени во зимски услови.

– Тој настан и промоција е пример и за можно решение и за другите општини – локални самоуправи како да се екипираат ресурси во техника, возила и луѓе – спасители преку меѓународни ЕУ-проекти за планинско спасување при тешки временски услови во сите годишни времиња во нашата држава, а и по меѓународни стандарди, додава ЦУК во соопштението.