Среброто е „злато на малиот човек“, растат и побарувачката и цената


Овој благороден метал се повеќе е на мета на купувачите, аналитичарите предвидуваат натамошен раст на неговата вредност

 

Поради неизвесниот исход од корона кризата и поплавата од трилионски износи на банкноти, инвеститорите бараат безбедни прибежишта. Покрај златото, се зголеми и побарувачката за сребро.

Ако среброто е навистина „злато за малиот човек“, тогаш што туку започна сребрената треска. Трговците со благородни метали во последно време известуваат за зголемена побарувачка за сребро, додека побарувачката за злато остана на исто ниво.

„Нашите плочки од еден до 100 грама се бараат повеќе од кога било“, вели Александар Филкорн, директор на трговската куќа Офира, пишува Дојче веле.

Клиентите купуваат сребрени пакети како инструмент за безбедност. Со мали апоени од еден до десет грама, вели тој, „во случај на пропаѓање на валутата, тие би можеле да располагаат подобро отколку со златото“. Бидејќи, со нив би можеле да купуваат секаде, „а трговците, пекарите, месарите или селаните не мора да излегувата надвор“ за да го менуваат овој метал.

И навистина, вредноста на среброто скокна значително повеќе од вредноста на златото во последните недели и месеци. Додека жолтиот скапоцен метал порасна за 24 проценти, среброто скокна за 70 проценти. Само од почетокот на јуни цената на среброто се зголеми за 12 проценти, додека златото порасна за само пет проценти во истиот период. Во вторникот, цената на среброто скокна над 20 долари. На својот врв, фина унца (31,1 грама) од овој благороден метал чинеше 20,43 долари. Тоа е највисоката цена од 2016 година, пренесува СЕЕбиз.

Затоа, односот на цените на среброто и златото е значително намален. Но, сè уште е далеку над долгорочниот просек. Поради тоа експертите гледаат простор за понатамошен раст на цената на среброто. Златото и среброто веќе долго време профитираат, особено затоа што не е познато како ќе се развива корона кризата. Благородните метали се безбедни засолништа во неизвесни времиња, бидејќи се сметаат за стабилни инвестиции. Со оглед што банките и владите пласираат трилиони на пазарот за надминување на кризата со Ковид-19, сè повеќе луѓе стравуваат од високи стапки на инфлација. А, токму среброто, исто како и златото, се смета за заштита од инфлација.

Бидејќи среброто е многу повеќе користено во индустријата, овој скапоцен метал, за разлика од златото, многу зависи од развојот на конјуктурата. Така, мало економско закрепнување во последните неколку недели може дополнително да ја поддржи цената на среброто.

Експертите на германската Комерцбанк веќе подолго време забележуваат масивен влез на големите инвеститори во сребрениот ЕТФ (Пасивен фонд). Причината беше рекордниот однос сребро-злато во полза на златото. Оттогаш, илјадници тони се влеваа во сребрениот ЕТФ фонд .

Некои експерти се убедени дека „златото на малиот човек“ би можело да стане уште поскапо. Финансискиот блогер Крис Кинтсон, на пример, предвидува на страницата „The Motley Fool“ дека оваа година цената на среброто може да се зголеми дури двојно.

На крајот, среброто илјадници години се користи како средство за плаќање. Инвеститорите се обидуваат да го сочуваат своето богатство вложувајќи во благородни метали. Притоа, среброто е поевтино од златото и овој бел метал има добри шанси. Се проценува дека цената би можела да достигне дури 28 долари.