Србите водеа речиси цел натпревар, но загубија од САД во кошаркарското полуфинале на ОИ

САД со луд пресврт ја исфрли Србија во полуфиналето на Олимписките игри


Кошаркарите на Соединетите Американски Држави во луд натпревар ја победија Србија со 95:91 и се пласираа во финалето на Олимписките игри. Србите водеа речиси цел натпревар, од четвртина во четвртина ја зголемуваа предноста, но на крајот САД одиграа фантастични последни 10 минути и стигнаа до победа вредна за финалето, каде ќе играат против Франција. Србија ќе се бори за бронза против Германија.

Избраниците на Светислав Пешиќ беа на прагот на сензационална победа над една од според многумина најсилните селекции на САД во историјата. Со фантастичен процент на шут и добра одбрана ја држеше предноста, но Американците беа поконцентрирани во последната четвртина и на тој начин избегнаа пораз.

Србија почна да се одлепува кон средината на првата четвртина која на крајот ја доби со 31:23, а феноменално стартуваше во втората четвртина каде имаше рекордни +17 (42:25). Во третата четвртина Американците почнаа да бркаат негатива и дојдоа на -6, но Србите потоа тргнаа во серија од 9:2 и во последната четвртина влегоа со +13.

Сепак, Србија не ја одигра последната четвртина на ниво на првите три, а САД успеаја да ја надополнат негативата со големи 32:15 во последните 10 минути.

Незапирлив за САД беше Стивен Кари, кој постигна 36 поени со 9/14 тројки. Кари е најзаслужен и за тоа што Србија не се одлепи и не поведе повеќе во првото полувреме. Џоел Ембиид постигна 19 поени, а Леброн Џејмс имаше трипл-дабл учинок со 16 поени, 12 скока и 10 асистенции.

Богдан Богдановиќ ги предводеше Србите со 20 поени, а Никола Јокиќ запиша 17 поени, 11 асистенции и пет скока. Двоцифрен беше и Алекса Аврамовиќ со 15 поени.

Српските медиуми ги обвинуваат судиите
Српските медиуми ги обвинуваат судиите за поразот. Сметаат дека суделе тенденциозно и дека во вториот дел ги турнале Американците кон финалето.

Херојска Србија беше на чекор до финалето, но срамните судии си ја завршија работата! Американците со помош на неуките ги здробија храбрите орли“, е насловот на Курир, кој пишува дека катастрофалните судии ги вратија Американците во живот.

Телеграф го опишува поразот како тежок и трагичен откако Србија водеше 35 минути, а Блиц дека Американците и судиите на крајот ја добија драмата. Б92 го носи насловот: „Пораз за срцев удар; Србија украдена? Америка речиси клекна на колена!“

Веднаш по средбата, на Богдан Богдановиќ му било поставено прашање за судскиот процес, но тој одбил да одговори.