Србија – земја на насилството и смртта
Акумулацијата на омразата и злото во Србија може да се допре. Системот на вредности не е ниту источен ниту западен, тој веќе не постои
Како прво, би требало да се направи краток инвентар на страшни луѓе. Пред сите, тоа е тнр. претседател на оваа несреќна држава, неизбежен во секоја трагедија што ја одбележува со својот патетичен лик, и ја прави поголема. Од тој феномен нема разумна одбрана, во секој јавен испад непогрешливо кажува сѐ што е непотребно.
Претходно не го следев претерано работниот опус на Бранко Ружиќ, министерот за образование. Тој ресор го доби врз основа на коалициски договор, што само по себе ја докажува важноста што овој режим им ја дава на виталните работи на општеството: никаква! Ружиќ е мајстор за флоскули и општи места, вешт во хедонизам, но не и во работите. Тој е неспособен и самоуверен за тоа.
Неговиот обид да ја објасни масовната смрт во училиштето е под рангот на секоја лаичка некохерентност. Тој ја дели вредносната проценка на Бошко Обрадовиќ за влијанието на „западните вредности“ врз момчето-убиец, не гледајќи ги локалните вредности како рамка за агонијата на едно кревко општество, ниту себеси како министер недораснат за да види што било од тоа. Ниту, пак, разбира што е всушност неговата работа.
Се разбира, тука е и таткото на момчето-убиец, кој во својата куќа имал цел арсенал на средства за убивање. Но, и идејата како да научи десетгодишно дете да репетира, да пука, да менува шаржери и така обучен да може подоцна да ги гледа своите соученици во училницата како цели на стрелиштето. Не се познати причините зошто го научил детето да пука и да погодува.
Премиерката му објасни на народот дека системот не затаил. Системот работи. Ова што го имаме – тоа е систем.
Нов масовен колеж ноќеска е извршен во околината на Младеновац. Министерот за полиција веќе знае дека се работи за терористички чин.
Овој список би можел да се прошири, но и да заврши, бидејќи овде зборуваме за систем кој постои како нелогична креација, која започнува и завршува во една личност. Оваа личност е опседната со потребата да биде секаде и да реши сѐ, а бидејќи не може и не знае дека не знае, сѐ останува недовршено и во фаза на постојан конфликт и неподнослива напнатост.
Да се зборува за насилство во Србија би можело да биде стереотип што се објаснува со дихотомната поделба на општеството и дистрибуцијата на омраза од највисоко место. Но насилството (вербално, реално, латентно) се врши без прекин и има димензии на владејачка параноја. Насилството на мислата им претходи на заканите кои стануваат опасни предвесници на вистинска физичка агресија.
Насилството е веќе воспоставено како форма на еднострана комуникација. Пред сѐ, меѓу оние кои имаат легитимна сила како поддршка и граѓаните на кои со насилство им е одземена слободата на мислата и говорот. Промовирањето на насилството е начин и обид за контрола на општеството и претставува примитивна манифестација на владејачката моќ и воспоставување на дозволен модел на размислување. На тнр. претседател новинарите „кои не се негови“ му поставуваат прашање со страв и нелагодност. Тоа е затоа што тие имаат причина за страв. Човекот кој е должен да одговара пред граѓаните стана нивен судија.
Зад него е целата преторијанска гарда на државата и простачкиот агитпроп кој ќе го оцени насилството врз неподобните како оправдано. Криминалците се омилени лица на властите и пример за српската младина која одамна остана без иднина.
Тоа уште не е целосно владеење со сила, но тоа е хаотичен апсолутизам со криминално насилство, кој станува неотсранлив општествен амбиент. И „Њујорк тајмс“ ја обелодени навиката на претседателот на СНС дека, практикувајќи апсолутна власт, се потпира на криминални групи, односно на своите. Тој промовираше мелено човечко месо како средство за мафијашка пресметка, прикажувајќи ги најужасните сцени на тортура како слика на своето владеење.
Тој ја призна својата криминална улога во уривањето во Савамала, со што превентивно го потврди пишувањето на „Њујорк тајмс“.
Насилството во собранието не престанува. Уште еден човек, чие лице влева страв – Миленко Јованов, влева неописливи навреди за пратениците од опозицијата, очигледно уживајќи во неговиот вербален садизам и неподносливо тешките зборови. Неговиот смисол за постоење е вистинска закана и остава впечаток на симбол на најлошиот расплет.
Апологијата на насилството во Србија е поттикнато од масовната поддршка на злосторствата на Путин во Украина. Тоа вредносно патриотско салто е еден од најголемите сломови во историјата на патриотизмот овде. Но, тоа придонесува за култот на насилството и смртта во поширока смисла, што не е доволно за Бошко Обрадовиќ да го разликува потеклото на вредностите кои некого би можеле да го одведат до масовен криминал.
Се разбира, не сите горенаведени околности сами по себе доведоа до масакрот во белградското основно училиште и во околината на Младеновац. Можеби ова се изолирани случаи. Или не се? Во иднина нѐ очекуваат многу пострашни работи. Акумулацијата на омразата и злото овде може да се допре. Системот на вредности не е ниту источен ниту западен, тој веќе не постои. Скалата е свртена целосно наопаку и на неа нема луѓе.
На социјалните мрежи многу деца му даваат поддршка на сторителот на масакрот во училиштето, претворајќи го во свој идол. Има вести дека масовниот убиец од Младеновац одамна се нарекувал „Малиот Кристијан“ (Кристијан Голубовиќ е познат осудуван криминалец – н.з.).
Цели дресирани и платени одреди на владејачката секта слободно на мрежите ги навредуваат и им се закануваат со смрт на сите оние кои „системот“ ги означи како неподобни. А на чело на државата на смртта сѐ уште е господарот на секоја нејзина трагедија.
(Љубодраг Стојадиновиќ е новинар и писател. Текстот е објавен во „Пешчаник“)