Срамота е преку медиуми да лиферуваме датуми за редовни избори, вели Мицкоски


 

По неколкукратните изјави дека за Македонија било најдобро на 8 мај да се одржат парламентарните избори заедно со вториот круг од претседателските, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека е „срамота е што преку медиуми се договараваме и лиферуваме датуми за редовни избори“. Христијан Мицкоски зборуваше на собирот што го организира неговата партија на долниот дел од Кејот на Вардар во Скопје, веднаш до Камениот мост, а по повод 23 октомври, денот кога е основано историското ВМРО.

„Оваа влада преку одбегнување да се договори датум за избори оди кон свесно предизвикување на уставна и политичка криза. Срамота е што преку медиуми се договараваме и лиферуваме датуми за редовни избори. Разбирам кога велат дека Ковачевски никој не го слуша во Владата, зошто ниту министрите, ниту вицепремиерите, а ниту кај него во партија му имаат почит. Нека земе бел лист хартија нека напише кој било датум помеѓу двата најголеми верски празници идната пролет и да одржиме парламентарни и претседателски избори на еден трошок. Ќе доживеат жесток пораз и тежок дебакл од народот“, рече Мицкоски.

Тој во говорот рече дека судските инстанци граделе кариери со тоа да „направат поголема пакост и прогон кон ВМРО-ДПМНЕ“. И посочи еден наводен случај: „Таков еден судија кој на маката на нашите браќа и сестри, бранителите направи кариера, па ја гледаме како се препелка и ја влечкаат од телевизија на телевизија, па сега се опаметила и почнала политички позиции да кажува и ставови. Стана врховен судија„ и најави дека доколку ВМРО-ДПМНЕ формира влада „ќе го покрене прашањето за вистинска правда за нашита бранители, за нашите уставобранители“.