Срамен напад врз Ѓоковиќ од прорежимските луѓе во Србија


 

Откако уште лани на почетокот на годината Новак Ѓоковиќ ги поддржа студентите во нивните протести тој се најде на удар на властите во Србија и провладините медиуми. Ѓоковиќ, најдобриот тенисер на сите времиња, неодамна блесна во Мелбурн каде што загуби во финалето на Австралија Опен од Карлос Алкараз (3:1). Главниот уреднк на режимскиот „Информер“ дури го нарече Ѓоковиќ „пропаднат тенисер“

Нападите не престануваат ни сега. Во тоа се вклучи и Зорана Михајловиќ, поранешна потпретседателка на Владата на Србија и поранешна министерка. Зорана ја коментираше изјавата што Новак ја даде по финалето на првиот Гренд Слем.

„Порака за нашите луѓе во Србија: Правдата и вистината секогаш победуваат. Нека истраат!“ рече тогаш Новак, алудирајќи на борбата на студентите и голем број луѓе против режимот на Александар Вучиќ.

На ова Зорана Михајловиќ напиша:

„Премногу јадно. Без оглед колку е врвен спортист, пораката ја испраќа човек кој едвај завршил основно училиште и бил исфрлен од средно училиште. Па што би правел, би ја водел земјата? Да ги користел сопствените деца во политичка кампања“.

Оваа нејзина објава наиде на гневни реакции на социјалните мрежи.