Според податоците на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ доби 436.000 гласови, а не половина милион


Фото: Б. Грданоски

 

Нема потреба да се зголемува и така големата победа на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе неколку денови пратениците од оваа партија и нејзини раководители тврдат дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила 500.000 гласови на парламентарните избори.

На денешната прес-конференција претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, рече дека бројката била дури и поголема од половина милион гласови.

Еве како точно рече Мицкоски според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ:

„Така што, ве молам, да ја почитуваме волјата на повеќе од половина милион граѓани, а сега како коалиција и повеќе 600.000 граѓани коишто на изборите на 8 мај јасно, недвосмислено ја дадоа поддршката за овој тип на реформи и овој тип на реформски процеси“.

Од каде ги најде Мицкоски овие над половина милион гласови воопшто не е јасно. Според податоците на Државната изборна комисија коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освоила 436.407 гласови. Коалицијата „Вреди“ 106.937, а ЗНАМ 56.232. Сите заедно имаат 599.576 гласови.

Значи, ни едното ни другото тврдење на Мицкоски не се точни – ниту ВМРО-ДПМНЕ има над половина милион гласови, ниту трите коалициски партнери добиле поддршка од повеќе од 600.000 граѓани.

Победата навистина е голема и нема потреба со ситни лажни измислувања да се прави уште поголема.