Споменикот на Ќосето ќе се постави во Горно Лисиче?


Вчера на Советот на Општина Аеродром, нашата советничка група достави Иницијатива за поставување на споменикот на револуционерот Андон Лазов Јанев – Ќосето на територијата на општина Аеродром поточно во паркот во Горно Лисиче по барање и инсистирање на претседателот на советот, соопштија од Левица.

Општина Аеродром ќе поднесе иницијатива до Собранието на РСМ за поставување на споменикот на Ќосето на своја територија. По предлог на Левица, а со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, ГРОМ, СПМ, Демократската партија на Србите во Македонија и Десница, Советот на општината на вчерашната седница ја усвои иницијавата со која овој споменик се бара да биде поставен на територијата на Аеродром, појаснува денеска Милутин Ристески, координатор на советничката група на СДСМ во општината Аеродром. 

Тој додава дека членовите на Советот од СДСМ, ВМРО-НП и НСДП гласале против оваа иницијатива.

Инаку, пред неколку дена беше обелоденето дека градоначалничката Данела Арсовска минатиот месец испратила писмено барање потпишано од нејзе до Општина Центар да се даде согласност за почнување постапка согласно која би почнала процедурата за враќање на Ќосето на истата локација од која беше тргнат (пред судовите, спроти ТЦ „Мавровка“).

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ѝ одговори дека барањето го доставила на погрешна адреса, односно дека треба согласнот да добие од Собранието кое е надлежно, како што вели Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја.

„Ќосето нема никаква врска со Општина Центар ниту пак е лик од локално значење и оттаму ова прашање не може да се третира на општинско ниво“, стои во одговорот на Герасимовски до Арсовска.

Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953), беше поставен пред судовите во 2014, кога градоначалникот беше Коце Трајановски. Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.

Со доаѓањето на функција на Петре Шилеговза градоначалник, споменикот беше отстранет оти било утврдено дека е дивоградба односно нема решение за негово поставување. Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје.