Споени концесиите за рудникот „Иловица – Штука“

Допрва треба да се разгледува експлоатирањето на руди во двете споени локации, вели Министерството за економија


 

Владата донела одлука за спојување на концесијата за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот Иловица во Општина Босилово со концесијата на локалитетот Иловица во Општина Босилово и Општина Ново Село на компанијата „Еуромакс“ објави „Службен весник“.

Одлуката доаѓа откако Управниот суд ја уважил тужбата на компанијата „Еуромакс“ против владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, а Вишиот Управен суд го врати предметот на повторно одлучување.

Активистите против отворање на рудниците здружени под иницијативата „Здрава котлина“ обвинија дека владата станала „државен непријател“ во очите на македонската јавност по спојувањето на двете концесии.

Оттаму велат дека Владата донела тивка одлука за спојување на концесиите, и посочуваат дека тоа била клучна и најголема пречка за добивање дозвола за експлоатација.

„За она што гласно говореа дека нема да се случи, сепак еве, на очи на целата македонска јавност – се случува! После сите скриени тајни и јавни ветувања, правниот ефект е ова денес што читате во ‘Службен весник’. Приказната е едноставна: Во големата битка за предавството и убиството на Струмичката котлина и сѐ живо во неа, искористувајќи ја партиската и државна позиција, постојано се плетат високи политичари (поединци со моќ) од двете најголеми политички партии (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ), но сега им се придружи и трета (ДУИ) – силно жедна за профит за сметка на здравјето и животот на сите жители на Струмичката котлина и пошироко“, напишаа од „Здрава котлина“ на Фејсбук.

Тие истовремено ги повикаа сите луѓе, здруженија, организаици, институции и помали политички партии на кои им е важно ова прашање да се активираат и да влијаат на секој начин каде што можат за да се сопре „ова грозоморно дело за сите“.

Од „Здрава котлина“ најавија мобилизација и самоорганизирање на народот, порачувајќи дека никогаш нема да дозволат отворање на рудник.

Во врска со оваа одлука на Владата од 27 јуни се огласи Министерството за економија, кое вели дека таа била донесена по пресудата на Управниот суд од 30 март 2023 со која било уважено тужбеното барање на „Еуромакс ресоурцес“ со кое се оспорува одлука на Владата за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот Иловица, општина Босилово, донесена на 16.12.2019 година. „Таа се поништува и предметот се враќа кај тужените – Владата на РСМ и Министерството за економија на повторно разгледување и одлучување“, се вели во соопштението.

„Со пресудата, како тужена страна, Владата и Министерството за економија се задолжени да постапат и да го применат правното сфаќање и дадените забелешки на Управниот суд. Против оваа пресуда не беше дозволена жалба, согласно Законот за управните спорови. Во образложението на пресудата, Управниот суд смета дека спојувањето на концесиите претставува посебно правно прашање, односно посебна постапка за која надлежниот орган до кого е доставено барањето -Министерството за економија, согласно правилата на управната постапка е должен да постапува и да донесе соодветен управен акт- велат во Министерството.

Постапувајќи по насоките од предметната пресуда, Владата ја донесе одлуката за спојување на двете концесии за експлоатација, доделени на „Еуромакс ресоурцес“. „Не се менува фактичката состојба, туку се изменети координатите на доделените концесии во насока тие да преставуваат една целина. Сакаме да информираме дека станува збор за административна постапка со која само технички се спојува просторот на веќе доделените концесии.

За да може да врши експлоатација потребно е да добие дозвола за експлоатација согласно Законот за минерални суровини. Во однос на постапката за добивање на дозвола за експлоатација, концесионерот има доставено барање за дозвола за експлоатација за двете концесии (сега споени), но тие сѐ уште не се комплетни, треба да достават техничка документација и одобренија издадени од други надлежни институции пред кои веќе се започнати постапки“, стои во соопштението.

Во него се додава дека Владата има слух и разбирање за загриженоста на жителите на предметната локација. „Владата и Министерството за економија нема да издадат дозвола за експлоатација за отворање на рудник, без исполнување на највисоките светски стандарди и добри практики за заштита на животната средина и здравјето на луѓето“.

Владата и нејзините членови при носење на оваа одлука се воделе исклучиво од начелото за почитување и постапување по правосилни судски одлуки и зачувување на правната сигурност која претставува еден од основните темели за поволна деловна клима за сите инвеститори, домашни и странски, стои во соопштението. „Евентуално непостапување согласно со донесена пресуда на Управниот суд ќе значеше непочитување на судот и ќе не изложеше на евентуално нови судски постапки со сериозни импликации по Буџетот и можни арбитражни постапки пред меѓународни судови“.