Спирометрија, ЕКГ и други испитувања денес и утре ќе им се прават на жителите на Трубарево


Денес и утре, во периодот од 10 до 16 часот, две екипи од Клиниката за пулмологија со амбулантни возила ќе им прават проверка на дишните патишта на жителите на Трубарево и околината по големиот пожар во фабриката за рециклирање пластика и електронски отпад. Министерот за здравство Азир Алиу вели дека за скринингот подготвиле прецизно утврден протокол.

„Скринингот го правиме затоа што сакаме како Министерство и како институции да бидеме сигурни дека граѓаните што се движат во тој регион немаат здравствени проблеми со дишните патишта. И тогаш некои од нив не сакаа да се евакуираат привремено надвор од тој простор, блиску до пожарот. По скринингот, в сабота и в недела, ако лекарите утврдат дека има потреба понатаму да се третираат нашите граѓани, тие ќе се третираат тука, на Клиниката за пулмологија. Идејата на скринингот е, прво, да бидеме сигурни дека граѓаните од тој дел немаат таков тип на проблеми, а второ, ако имаат, навреме да се интервенира од наша страна. Тоа е надлежност на нашето Министерство и ние мора да се грижиме и навремено да спречиме ако има нешто кај оваа популација“, рече министерот Алиу.

Амбулантните возила со екипите од Пулмологија се поставени пред маркетот „Бренд“ и во близина на маркетот „Флорида“ во Трубарево. На преглед може да дојдат сите жители на Трубарево и околните населени места, особено оние што забележуваат тешкотии при дишењето или имаат симптоми на заболување на дишните патишта. Мобилните екипи во амбулантните возила ќе им направат комплетен клинички преглед, спирометрија, ЕКГ и други испитувања потребни за проверка на состојбата на дишните патишта.