Спектакуларниот концерт на Роби Вилијамс во Софија засенет со апсењето на инспектори кои барале мито од тимот на поп-ѕвездата

Спектакуларниот концерт на Роби Вилијамс викендов на стадионот „Васил Левски“ во Софија, како дел од неговата светска турнеја „Robbie Williams Live 2025“, беше засенет со апсењето на инспектори кои барале мито од тимот на поп-ѕвездата пред концертот.
Бугарското министерство за транспорт соопшти дека отпуштило двајца долгогодишни инспектори од извршната агенција „Автомобилска управа“ откако биле фатени како бараат мито од возачи на камиони кои превезувале опрема за концертот на Роби Вилијамс во Софија.
Министерот за транспорт Гроздан Караџов потврди дека против нив веднаш била покрената дисциплинска постапка и биле отпуштени од своите работни места. Тој кажа дека неговото министерство целосно соработувало со министерството за внатрешни работи за да се идентификуваат и притворат вмешаните лица.Според истражителите, на 25 септември инспекторите побарале и примиле мито од вкупно 500 евра.
Со турнејата „Robbie Williams Live 2025“, Софија се приклучи на листата на најголемите концертни дестинации во Европа. Роби Вилијамс, со неверојатна кариера од 27 години, е познат по своите спектакуларни настапи и уникатна енергија на сцената. Во последните години, Роби продолжува да импресионира: неговиот албум „XXV“, објавен во септември 2022 година, беше уште еден огромен успех, додека документарната серија за неговиот живот на Нетфликс во 2023 година допре до милиони обожаватели ширум светот.
Концертот во Софија беше дел од турнејата што следи по премиерата на биографскиот филм „Подобар човек“ („Better Man“), во режија на Мајкл Грејси, кој ја раскажува инспиративната приказна за животот на Роби Вилијамс. Следни станици од регионот на Вилијамс е на 2 октомври во Атина, а на 7 октомври во Истанбул.