„Спејс Икс“ на Маск сега вреди повеќе од „Боинг“


Вреднувањето на компанијата на Илон Маск „Спејс Икс“  („SpaceX“) достигна 180 милијарди долари врз основа на тековната секундарна продажба на акции.

Фирмата разговара за договор со инвеститорите за продажба на акции од инсајдери во понуда за преземање по 97 долари по акција, според лице запознаено со дискусиите.

Понудата не вклучува прибирање нов капитал бидејќи тендерската понуда е секундарна продажба на постојните акции и се очекува да биде затворена во јануари.

„Спејс Икс“ вообичаено ги спроведува овие секундарни кругови околу двапати годишно за да им даде можност на вработените и другите акционери на компанијата да продаваат акции.

Најновата проценка претставува зголемување од 20 отсто во однос на претходниот рекорд на „Спејс Икс“ од 150 милијарди долари, што компанијата го постигна преку секундарна продажба во јули по цена од 81 долар по акција.

„Спејс Икс“ има речиси монопол на американскиот пазар за лансирање сателити, благодарение на неговите ракети „Фалкон“ (Falcon) и неуспехот на конкурентите да испорачаат оперативни ракети за да се натпреваруваат.

Сателитскиот интернет бизнис со „Старлинк“ (Starlink) на „Спејс Икс“ се смета за клучен економски двигател за фирмата, со повеќе од 5.000 лансирања на сателити досега и услуга која може да се пофали со повеќе од два милиони претплатници.

Дополнително, новото „монструозно“ возило на компанијата, „Старшип“ (Starship), продолжува да напредува во тестовите за летање, што претставува обид да се создаде ракета за повторна употреба од следната генерација со невиден размер и моќ.

Сега ова е една од највредните приватни компании во светот.

Најновата проценка на „Спејс Икс“ ја става компанијата над пазарната вредност на кој било од врвните американски производители на одбрана – вклучувајќи ги „Боинг“ (околу 150 милијарди долари), „Локид Мартин“ (околу 112 милијарди долари) и „Нортроп Груман“ (околу 73 милијарди долари).

Исто така, вреди повеќе од највредните американски телекомуникациски фирми – како Verizon (околу 154 милијарди долари) или AT&T (околу 115,9 милијарди долари), според податоците на FactSet објавени во средата.