Специјалци од МВР приведоа четири лица од Неготино осомничени за „лихварство”, „изнуда” и други кривични дела


 Одделот за криминалистичка полиција – Секторот за економски криминал и корупција и Секторот за  општ и насилен криминал, во координација со Оддел за специјални полициски операции и со СВР Велес, ги лиши од слобода  П.М.(22), Д.П.(23), Ј.К.(21) и В.З.(24), сите од Неготино.

По претходно добиена судска наредба од Основен суд Кавадарци, по преземени мерки и активности бил извршен претрес во домовите на овие четири лица, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „лихварство“, „изнуда“, „загрозување на сигурноста“ и „предизвикување на општа опасност“, при што биле пронајдени повеќе предмети од извршените кривични дела.

– Имено, пријавените давале пари на заем со писмени и усмени договори и притоа за себе договарале несразмерно високи камати, со цел противправно да се стекнат со материјална корист. За да ја постигнат целта користеле закани, физичка сила, а на 09.08.2021 запалиле и патничко возило, со што предизвикале пожар  и општа опасност по околината, велат од МВР.

Против нив СВР Велес поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Кавадарци по чл.260, чл.258, чл.144 и чл.288 од Кривичниот законик, а од страна на Основен суд Кавадарци им е одредена мерка притвор. 

Едно лице приведено поради обид за измама

Во текот на вчерашниот ден од страна на полициски службеници од ОВР Свети Николе на лице место е фатено лице при обид да изврши измама.

-По насоки на Јавен обвинител од ОЈО Скопје извршени претреси на две локации во Скопје и притоа пронајдени се предмети кои потекнуваат од кривично дело „измама“, пријавено на подрачјето на СВР Штип. Од извршените истражни дејствија и сите преземени оперативно – тактички мерки постојат основи на сомневање дека измамите на подрачјето на СВР Штип (Штип, Свети Николе и Берово) за наводна набавка на жито ги извршил Б.А., кој се наоѓа во затвор, а преку соучесникот Г.Г. ја наплаќал договорената непостоечка житна култура, стои во соопштението од МВР.

Како што информираат од Министерството, акцијата е спроведена од полициски службеници од СВР Штип – ОВР Свети Николе во координација со Секторот за насилен криминал при Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје.

По документирање на случајот од ОВР Свети Николе ќе следува соодветна пријава до надлежниот обвинител.