Спасовски: Тим од полиција истражува на Онкологија
Нема збор кој може да го опише тоа што се случува на Онкологија. Се изгубила човечката димензија и ова се состојби кои траеле во континуитет подолг временски период . Колку и да е лошо и колку да боли, ова мора да се истера до крај и мора да се анализираат сите аргументи, изјави за „Клик плус“ на ТВ21 министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој рече дека не може да открие детали, но го оцени случајот како злосторство.
„Вие знаете дека имаше неколку пати јавни написи, имаше одредени пријави кои беа доставувани до министерството и до обвинителството, и тоа беше причината да се преземат дејствија. Колку и да е лошо и колку да боли, ова мора да се истера до крај и мора да се анализираат сите аргументи. Наодите кои беа објавени, информациите кои се собрани од МВР бараа да се одземат соодветни електронски уреди, да се одземат одредени материјали од клиниката за онкологија, кои преку анализата ќе можат да бидат дел од доказите“- посочи Спасовски.
Министерот истакна дека посебен тим од полиција работи во координација со обвинителството, направен е целосен план и интензивно се работи на прибирање на информации.
„За конкретноста на информациите не можеме да откриеме сега, не смее на никој начин да се влијае на постапката, со цел да не се наруши еден дел од доказната постапка која ја имаме. Постојат постапки и процедури, бројот на лица во истрагата е поголем и не можам да излезам со бројки. Виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени. За ваков чин, вакво злосторство, ваква нехуманост од било кого, нема да има никаква толеранција“рече Спасовски.
Во врска со случувањата на Онкологија, за денеска е најавен протест, но имиња на организаторите не се наведени, а во делот како организатор на настанот е наведена фејсбук-страница со име „Протест против убиството на онкологија“ која на социјалните мрежи е активна од вчера. Почетокот е закажан во 18 часот пред Владата, од каде што се предвидува демонстрантите да се упатат кон Министерството за здравство.
Неделникот „Фокус“ минатиот период објави серија текстови за постоење разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање на скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката. Во системот, според пишувањата на неделникот, се внесувале фиктивни пациенти, а на дел од вистинските пациенти им се давала половична терапија и на тој начин скапата биолошка терапија завршувала на црниот пазар.
По ваквите информации, Основното јавно обвинителство Скопје отвори предистрага и во петокот попладне влезе во Клиниката. Како што соопштија, претреси биле направени и во два приватни стана во Скопје, а биле одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација кои понатаму ќе се анализираат и вештачат.