Спасовски негира дека МВР крие документи за „Виа комерц“
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја демантира информацијата дека МВР не ги доставило побараните документи до Јавното Обвинителство за гонење организиран криминал во врска со случајот „Виа комерц“ – станицата каде што е направена последната контрола на автобусот на „Беса Транс“ што изгоре во Бугарија и со себе однесе 45 животи.
„Сè што е потребно има во Обвинителството и тие материјали се доставени, така што не станува збор за никакво криење на документи или било што, туку сè што е побарано е предадено во Јавното обвинителство“, рече Спасовски.
Тој во изјавата додаде дека Министерството за внатрешни работи секогаш имало одлична соработка со Обвинителството и оти МВР и потребните организациони единици го изработуваат сè она што е побарано со наредби.
Изјавата на Спасовски следува откако шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска која моментално е суспендирана од работа, отвори предистражна постапка за да испита зошто во МВР со месеци се чувало во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“ од с. Глумово, општина Сарај.
Русковска притоа истакна дека е шпекулација информацијата оти се подготвувало апсење на министер поради предметот во кој се испитува зошто МВР со месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, откако, пак, претходно некои медиуми објавија дека било планирано апсење на министер откако се прибавени сите докази за случајот.
Инспектори на МВР во август 2021 година предложиле привремено затворање на станицата за технички преглед поради серија констатирани недостатоци, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го сторил тоа дури во ноември, три дена по трагедијата на автобусот во Бугарија во која загинаа 45 патници.Истиот ден (26 ноември 2021 г.) кога на прес-конференција информираше дека во „Виа комерц“ бил направен последниот технички преглед на автобусот на „Беса транс“ и дека притоа не биле утврдени пропусти, министерот Спасовски, без да ја информира јавноста, издал решение за привремена забрана за работа на станицата.
Причините утврдени неколку месеци претходно биле повеќеслојни – од тоа дека во станицата не се водат потребните регистри на возила на кои им е извршен технички преглед, до тоа дека во контролата учествувале нестручни лица.
„На овој начин се овозможува во сообраќајот на патиштата да учествуваат технички неисправни возила, односно возила кои може да претставуваат опасност по безбедноста на сообраќајот на патиштата“, се наведува во решението за привремена забрана за работа.